Џон Тери беше прогласен за невин во судскиот процес во кој што тој беше обвинет за расистичко однесување кон фудбалерот на Квинс Парк Ренџерс, Антон Фердинанд.
Сепак, ваквата пресуда не значи и крај на целиот случај, откако претставниците на Фудбалската Асоцијација (ФА) обелоденија дека сега тие покренале истрага против англискиот репрезентативец. Интересно е што челниците на ФА чекаа да заврши судскиот процес за да донесат одлука дали воопшто да има истрага против Тери.
Но сега иако тој беше прогласен за невин од ФА сепак се решија за сопствено разгледување на целиот случај. „Не можам да поверувам дека сагата ќе продолжи. Мислев дека сè е готово, но очигледно е дека не сум бил во право. Како и да е, јас сум невин, убеден сум дека и оваа истрага ќе го потврди истото“ изјави Џон Тери кој со тимот на Челзи е на подготовки во САД.
Само за потсетување, Луис Суарез минатата сезона беше казнет со суспензија од осум натпревари само врз основа на обвиненијата што против него ги изнесе Патрис Евра. И Уругваецот, исто како и Тери, ги отфрлаше обвиненијата за расистичко однесување, но ФА тогаш реши да донесе пресуда без очигледен доказ, решавајќи да му верува на едниот фудбалер, за сметка на другиот.
Во ситуација кога исто така нема очигледен доказ во случајот Тери – Фердинанд, останува да се види дали фудбалерот на Челзи ќе мине исто како и Суарез, дали ќе добие нешто поблага казна или можеби повторно ќе биде прогласен за невин.