Руска експедиција на Антарктикот наскоро ќе го пробие дебелиот слој мраз кој го изолирал езерото Восток од остатокот од светот веќе 14 милиони години. Езерото се наоѓа на 4 километри под замрзнатата површина на Антарктикот.
Восток е комплетно изолиран од останатите 150 подглечерски езера на континентот веќе многу долго време. Езерото е олиготропско, што значи дека водата е суперзаситена со кислород – нивоата се 50 пати повисоки од оние во типичните слатководни езера. Од 1990 година, Институтот за Истражување на Арктикот и Антарктикот од Сент Петерсбург, Русија, постојано буши низ дебелиот слој мраз за да го достигне езерото, но поради страв дека ќе предизвикаат загадување на екосистемот на езерото процесот бил прекинат неколку пати, а најзначајно било прекинувањето во 1998 година кога машините за бушење останале исклучени речиси осум години.
Сега, тие успеале да го убедат Секретаријатот на Договорот за Антарктиткот кој е одговорен за заштита на животната средина на овој континент, дека создале техника која ќе извади примерок од водата без да ја загади. Валери Лукин изјавил: „Кога ќе стигнеме до езерото, притисокот на водата ќе ја турне направата за бушење нагоре, по што водата повторно ќе замрзне.“ Следната сезона, тимот ќе буши во таа замрзната вода за да извлече примерок чија содржина ќе може да биде анализирана.
Направата за бушење во моментов се наоѓа на помалку од 100 метри над езерото. Кога ќе се приближи на 20 до 30 метри, механичкиот дел од дупчалката ќе биде заменет со термално копје кое е опремено со камера. Но, тимот е под голем временски притисок. Постои шанса тие да не успеат да се пробијат до езерото пред крајот на ова Антарктичко лето, што би значело дека ќе мора да чекаат уште една година пред да продолжат.
Научниците се надеваат дека кога ќе биде извлечен примерок од водата ќе добиеме нови информации за екстремофилите – животни форми кои опстојуваат во екстремни средини. Условите во езерото Восток се многу слични на условите на месечината на Јупитер, Еуропа, и месечината на Сатурн, Енкелад, па новите информации би можеле да ги зацврстат теориите за вонземски живот. [Drill close to reaching 14-million-year-old Antarctic lake]