Европските жени на пат да го срушат рекордот во немање деца од Првата светска војна

Бројот и процентуалната застапеност на жени без деца во Европа се зголемува. Тоа е случај пред сé во земјите на југот на континентот, кои се погодени од економски проблеми. Сепак, уште не е достигнат рекордот од почетокот на 20-тиот век, покажува новиот француски извештај објавен од Националниот институт за демографски студии INED.

Во истражувањето е спореден уделот на жени (кои немале деца) родени во периодот од 1900-та до 1972 година, и по 1972 година. Се покажало дека деца немала секоја четврта жена родена во првата деценија на 20-от век (т.е. 25%). Меѓу жените родени по 1970-та година, тој удел изнесува 14%, т.е. секоја седма жена.

Во Првата светска војна (1914 год.) животите ги изгубиле голем број млади мажи на возраст за женидба, а економската криза од 1930-тите ги приморала најсиромашните да се иселат во побогатите земји, со што се објаснува „масовното одложување на мајчинството“ од првата четвртина на 20-от век.

Со економскиот раст и воспоставувањето на системот за социјална заштита, значително опаднал соодносот на жени без деца. Напротив, настапил таканаречениот „Бејби бум“, кој траел сé до 1975 година, со стапка на плодност од 2.1 дете по жена. Тогаш, меѓу младите жени родени во почетокот на 1940-тите години, деца немала дури секоја 10-та.

Тогаш, меѓутоа, стапката на плодност почнува да опаѓа, па меѓу жените родени околу 1974 година изнесува 1.7 деца по жена.

„Ефикасната контрацепција, подоцното раѓање, поголемата нестабилност на врските, желбата пред сé да се добие работа (која е сé понестабилна), и сé поголемата неизвеност“ се веројатно фактори што допринеле за падот на стапката на плодност, се наведува во анализата.

Во јужна Европа стапката на неплодност пораснала со најбрзо темпо, па во Шпанија, Грција и Италија е можно меѓу жените родени во 70-тите секоја четврта да е без деца. Овие земји се соочуваат со проблеми во трговијата и вработеноста, и притоа нееднаквоста на половите сé уште е изразена – а тоа пак го отежнува балансот меѓу работните и семејните обврски. Така, стапката на бездетни жени би можела и дополнително да порасне, па и да го достигне рекордот забележан по Првата светска војна, предвидува Институтот.

 

- Реклама -