Европските камионџии сакаат да протестираат во Брисел по примерот на оние во Канада

Брисел, 9 февруари 2022 (МИА) – Европските возачи на камиони во Брисел сакаат да организираат исти протести како во Канада, каде со денови камионџиите бараат повеќе „слобода“, јавува дописничката на МИА од Брисел.

„Конвојот на слободата“, како што се нарекуваат канадските демонстранти, протестира, меѓу другото, за право на избор за вакцинација, како и против рестриктивните мерки од пандемијата. Бројни групи од овие протести се блиски до екстремната десница.

Возачите во Европа пред речиси една недела најавија дека сакаат да организираат слични протести во престолнината на Европската унија, каде се наоѓаат главните институции на ЕУ.

Полицијата во Брисел има информации дека ваков протест би можел да се одржи на 14 февруари, но за сега нема официјална дозвола, пренесуваат белгиските медиуми.

Во Канада од крајот на јануари масовно се блокираат улиците под притисок на демонстрантите од „Конвојот за слобода“, а на социјалните мрежи се шират затворени групи кои планираат слични демонстрации ширум Европа, со Брисел како крајна дестинација.

- Реклама -