Европскиот парламент ја прогласи Русија за основен извор на дезинформации во Европа

На денешното заседавање Европскиот парламент ја одобри нацрт-резолуцијата во која Русија се нарекува „основен извор на дезинформации во Европа“. Истата содржи и предлог да се развие правен механизам со кој би се вовеле санкции за лицата кои се одговорни за ширење на руските дезинформации.

Според руските медиуми, нацрт-резолуцијата ја изработила пратеничката од Полска – Ана Фотига, која и пред три години предложи да се усвои „скандалозната“ резолуција за борба против руските медиуми.

За усвојувањето на нацрт-резолуцијата гласаа 489 пратеници, 148 беа против, а 30 воздржани.

Резолуцијата повикува и да се осудат сите агресивни потези на Русија, Кина, Иран, Северна Кореја и други земји кои имаат за цел да ги „подриваат принципите на европската демократија и суверенитетот на другите земји од ‘Источното партнерство’“.

 

Во резолуцијата се споменуваат и земјите од Западен Балкан, со апел да им се пружи поддршка со цел да се обезбеди сигурна заштита од „злонамерното“ влијание и пропагандата која доаѓа од Русија, но и другите „непријателски субјекти“.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

Резолуцијата предвидува и предлог за изградба на правна основа, како во рамките на ЕУ така и на меѓународно ниво, за борба против „хибридните закани“ како и за воведување санкции за лицата кои ги спроведуваат кампањите за дезинформирање.

Наведен е и предлог да се зголеми финансирањето на структурите кои се бават со „стратешка комуникација“, со цел да се вмрежат постоечките и локалните специјалистички центри, медиуми, аналитички бироа, а со нив и НАТО, во една голема општоевропска мрежа која би ги координирала сите тие дејствија во борбата против руските дезинформации.

- Реклама -