Илон Маск е поканет да дојде во Европскиот парламент за да учествува во јавна дискусија за Твитер, јави ДПА, која имала увид во писмото до Маск, со вчерашен датум, потпишано од претседателката на Европскиот парламент – Роберта Мецола.
Во поканата до Маск, како што пренесува агенцијата, се вели дека платформата не треба „ненамерно да стане катализатор за говор на омраза, мешање во изборите и лажни информации“. Притоа, американскиот милијардер е поканет лично да учествува во „отворена јавна размена на мислења“.
Од моментот кога го презема Твитер, Маск беше постојано предупредуван од Европската комисија дека неговиот влијателен социјален медиум наскоро ќе мора да се усогласи со техничките прописи на ЕУ кои ќе стапат во сила во јануари 2024 година. Откако Маск воведе „нејасни правила за промовирање линкови до други социјални медиуми“, комесарот за внатрешни пазари Тиери Бретон вчера напиша на Твитер дека „платформите не можат да продолжат нагло да ги менуваат своите политики“. Неконзистентниот пристап на Маск кон објавените содржини исто така привлече внимание.
Законот за дигитални услуги (ДСА), од друга страна, кој ќе стапи во сила во февруари 2024 година, ги утврдува обврските на технолошките и интернет компаниите и бара од нив да преземат брза акција против нелегалните онлајн содржини, како што се „говорот на омраза“ и „дезинформациите“, а воедно воведува и протоколи за блокирање на ширење на „штетна содржина за време на кризи“, како пандемијата на Ковид-19, на пример.
Извор: МИА