„Европскиот фронт“ предводен од Демократската Унија за интеграција денеска во Скопје одржа симулациска конститутивна седница на Собранието, со тоа, сликовито прикажувајќи што би се случувало ако победат на парламентарните избори. На оваа симулациска седница, едногласно со 120 гласа беа изгласани уставните измени согласно Договорот за добрососедски односи и уставните измени со кои претседателот на државата би се избрал во Собранието со двотретинско и Бадентерово мнозинство. На оваа седница беше инаугуриран Бујар Османи за шеф на државата.
Најпрвин беа верификацирани мандатите на пратениците и Зијадин Села беше избран за претседател на Собранието.
Како трета точка на дневниот ред од оваа симулациска седница беа предложени и усвоени уставните амандмани со кои бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египетскиот народ ќе станат дел од Уставот на Република Северна Македонија.
На седницата говори одржаа претседателите на партиите од коалицијата „Европски фронт“ – Мунир Колашинац од Бошњачкиот демократски сојуз, Фатима Османовска од Унијата на Ромите, Аријанит Хоџа од Европска демократска партија, Скендер Реџепи-Зејд од Народно движење, Бејџан Иљаз од Демократската партија на Турците, Зиајдин Села од Алијансата за Албанците и Али Ахмети од ДУИ.
Тие во своите говори истакнаа дека ги поддржуваат уставните измени за спроведување на добрососедскиот договор. Потенцираа дека на нашата држава силно и е потребен консензуален претседател на државата и дадоа поддршка за усвојување на уставните измени за начинот на избор на претседател со двотретинско и Бадентереорово мнозинство за, како што рекоа, конечно да имаме претседател на сите граѓани.
Четврта точка на дневниот ред беше „свечената декларација на претседателот на Република Северна Македонија, Бујар Османи“.
Артан Груби од „Европскиот фронт“ во изјава за меидумите истакна дека денешната симулациска седница ја претставува идејата на тоа на што ќе инсистира оваа коалиција во Собрание и во Влада.
-Господинот Зијадин Села се избра за претседател на Собранието. Се усвоија уставните измени согласно Договорот за добрососедски односи, како и уставните измени за начинот на избор на претседател од следните избори од 2029 година при што претседателот би се избирал во Собрание со двотретинско мнозинство од пратениците и дополнително со Бадентерово мнозинство, рече тој.