Земјите членки на ЕУ под ниту еден услов не смеат да се мешаат во внатрешните работи на други држави, независно дали се членки на Унијата или не, одговориле денеска од Европската комисија одговарајќи на прашање на дописничката на МИА од Брисел во однос на изјавите на бугарскиот претседател Румен Радев вчера од самитот во Словенија.
Набројувајќи ги барањата за деблокада, Радев порача дека повеќе од 120.000 македонски граѓани имаат и бугарско државјанство/пасош врз основа на самоволно изразена волја и документи за бугарско потекло, и дека Бугарија очекува тоа да се одрази и во резултатите од пописот кој беше спроведен во државава.
Како што пренесува МИА, портпаролката на ЕК – Дана Спинант, не сакала да одговори за конкретниот случај, но ја акцентирала нпринципиелната позиција на Еврокомисијата.
„Никогаш не е прифатливо една земја да ѝ диктира што било на друга земја“, рекла Спинант, додавајќи дека во случајот со пописот во државава, доколку станува збор за методолошки прашања, Европската комисија не коментира, но сака да се реши спорот со Бугарија што поскоро.
Спинант потсетила и дека претседателката на ЕК – Урсула фон дер Лајен, вчера од самитот во Брдо уште еднаш побара надминување на билатералниот спор за да можат да започнат пристапните преговори.
„Сакаме да се реши ова билатерално прашање, поради кое Бугарија не прифаќа одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија“, рекла портпаролката.
Тоа, истакнала Спинант, било и темата на вчерашната средба на Фон дер Лајен, заедно со претседателот на Европскиот совет – Шарл Мишел и словенечкиот премиер – Јанез Јанша, со премиерот Зоран Заев и бугарскиот претседател Радев.
„Тоа беше темата. Да им се даде поттик на двете земји. За нас е многу важно да се изнајде решение, за да не се одложи процесот. Не коментираме затоа што разговорите меѓу двете страни продолжуваат“, додаде Спинант.