Европска комисија: Нашата позиција за одвојување на Скопје и Тирана не е сменета

Брисел, 28 септември 2021 (МИА) – По конфузијата што се појави со изјавата на претседателката Урсула фон дер Лајен за одвојувањето на Северна Македонија и Албанија за почеток на преговори со ЕУ, од Европската Комисија попладнево потврдија дека нивната позиција не е сменета, јави дописничката на МИА од Брисел.

На претседателката на Европската Комисија утрово во Тирана ѝ беше поставено прашање за одвојувањето на Албанија од Северна Македонија на кое таа одговори дека Албанија ги исполни сите услови за одржувањето на првата меѓувладина конференција и дека се прави сѐ за да се надминат пречките.

Овој одговор предизвика конфузија кај дел од новинарите околу тоа дали има промени во ставот на Европската Комисија и дали ова значи дека оваа институција би прифатила Албанија да оди напред ако Бугарија продолжи да ја блокира Северна Македонија.

На редовниот брифинг за новинари во Европската Комисија, денеска, портпаролите ја прецизираа оваа изјава.

„Претседателката турка за одржување на Меѓувладина конференција за Албанија и за Северна Македонија пред крајот на оваа година“, изјави Дана Спинант, портпаролка на ЕК.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Таа истакна дека нема промена во ставот на Европската Комисија по ова прашање.

„Претседателката ја изрази својата посветеност кон процесот на зачленување на Западниот Балкан во ЕУ и таа изрази желба и намера да работи за отворање на Меѓувладината конференција, нема промена“, рече Спинант.

Портпаролката за проширување, Ана Писонеро, запрашана дали има напредок во надминување на спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија рече дека еврокомесарот Оливер Вархеји е ангажиран во процесот.

-Комисијата зборува со двете страни, комесарот Вархеји ќе отпатува утре во Северна Македонија и ќе се сретне со премиерот Заев, и ја посети Софија минатиот вторник. Комисијата продолжува да разговара со сите релевантни страни и ќе продолжи да работи на заедничката цел за напредување со двете земји, рече Писонеро.

Еврокомесарот Вархеји, рече таа, исто така, стои на ставот дека треба со двете земји да се оди напред кон усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, но, дека за тоа треба согласност од сите земји членки на ЕУ претходно.

- Реклама -