Европратениците Стрик и Бутикофер: Процесот се загади со билатерални барања, ќе направиме сѐ да го исчистиме… време е и други ЕУ членки да ја притиснат Бугарија

Европската Унија не е комплетна без целосна интеграција на Западен Балкан, но овие зборови треба да се преточат во дела, порачаа европратениците од делегацијата на групата Зелени/Европска слободна алијанса (ЕФА) – Тинеке Стрик и Рајнхард Бутикофер, на јавната дискусија во македонското Собрание на тема „Патот на Република Северна Македонија вo ЕУ – перспективи и пречки“ со Комисијата за европски прашања.

Европратениците оценија дека долго сме чекале и сме морале да се согласиме на многу (компромиси). За почетокот на процесот е платена висока цена, сметаат тие, затоа што, како што велат, „целиот процес се загади со билатерални прашања за идентитет, јазик, историја“ и тоа нив е неприфатливо. Стрик и Бутикофер потенцираа дека тие сакаат фер процес со фер критериуми, во кој билатералните прашања немаат толкаво влијание. И двајцата се согласни дека ќе поддржат единствено целосна интеграција на земјава во Унијата.

„Ние сме силни поддржувачи на преговорите за пристап во Унијата, не само на Северна Македонија, туку на целиот Балкан. Секогаш сме биле гласноговорници за што побрзо признавање и препознавање дека се исполнети сите услови и критериуми да се започнат преговорите за пристап што побргу. Долго чекавте, моравте да направите многу согласности – Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и среќни сме што има напредок во моментов, но имаме чувство дека ова многу чинеше. Тоа скапо нѐ чинеше, бидејќи целиот процес се загади со билатерални прашања“, истакна Стрик.

Со тоа, оцени европратеничката, се предизвика длабока поларизација на општеството. Стрик нагласи дека сакаат лично да видат како можат да ги поддржат идните чекори на државава за овој процес, како што рече, „да се врати на правилните шини“ и да не биде оптоварен со други непредвидливи барања на патот кон Унијата.

„Македонскиот идентитет и јазик не може да бидат порекнати во Европа. Целосно го препознаваме тоа и го поддржуваме и затоа сме гласни говорници во Европскиот парламент. Ќе имаме нов годишен извештај за Северна Македонија и ќе ја вклучиме оваа изјава многу јасно во извештајот“, посочи Стрик, додавајќи дека е редно време и други земји членки на ЕУ да извршат притисок врз Бугарија со цел да се уверат дека барањата ќе се намалат.

Стрик потсети и дека сѐ уште е потребна правилна примена на законите со цел да се осврнеме на корупцијата, владеењето на правото и многу прашања кои неопходно треба да бидат подобрени.

Прочитајте и:  Митева: Мора да продолжиме на патот кон ЕУ, тоа е наша стратешка цел и за тоа ќе продолжиме да се бориме

Според европратеникот Бутикофер, собраниската Комисија за европски прашања мора да биде камен темелник на процесот на пристапување.

„Сакаме да испратиме јасен сигнал дека ние сме многу отворени за интензивна соработка, сакаме интензивна соработка во Европскиот парламент. Нашата група е меѓу најсилните поддржувачи на пристапувањето на Северна Македонија во нашата Унија, во европското семејство на нации и ние ќе продолжиме со тој став, иако гледаме дека Советот не секогаш беше фер, имаше и празни ветувања. Но, јас цврсто верувам дека има само една добра перспектива и на среден и на долг рок, а тоа е целосна интеграција. Секако, нема да поддржиме ништо друго освен целосна интеграција“, рече Бутикофер.

Тој посочи дека при денешната посета ќе се фокусира на неопходните реформи и кои се нашите приоритети во однос на реформите во трите димензии во однос на судството и правосдуството, на борбата против корупцијата и во одговорот за енергетската криза.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми, исто така потенцираше дека Северна Македонија морала да направи тешки компромиси, но дека тој лично верува дека и без оглед на сите препреки, тоа ќе се исплати.

Посочи дека како Собрание континуирано работат на агендата за евроинтеграции.

„Крајно време е земјата да ги почне преговорите за членство и да ги продолжи преговорите со ЕУ со цел да се тресира нашиот европски пат“, рече Адеми.

Претходно Стрик и Бутикофер остварија средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери. Како што информираа од прес-службата, Стрик го поздравила одржувањето на денешната средба, нагласувајќи дека делегацијата, во чиј состав е и самата, во повеќе наврати ја посетува земјава и е нејзин безрезервен пријател и особено се радува за почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Истовремено, Бутикофер ја изразила нивната длабока депримираност од загадувањето на евроинтеграцискиот процес со историски и билатерални прашања, посочувајќи дека нивната партија ќе направи сè што е во нивна моќ да го исчисти процесот, бидејќи земјата заслужува еднаков третман и членство согласно Копенхашките критериуми.

Нејзиниот колега Бутикофер, меѓу другото, се интересирал за процесот на уставни измени и за изборниот модел во земјата, чија реформа би овозможила фер услови за помалите политички партии и нивна застапеност во Собранието, информираа од собраниската прес-служба.

Извор: МИА

- Реклама -