„Европратениците од ГЕРБ, СДС и ВМРО го поддржуваат приклучувањето на Скопје во ЕУ“, но и го обвинуваат Заев за кршење на Договорот со Бугарија

„Европратениците од ГЕРБ, СДС и ВМРО го поддржуваат приклучувањето на Скопје во ЕУ“, се вели во официјалната позиција на бугарските европратеници испратена до ЕП, пренесуваат бугарските медиуми. „Но, под услов“, додаваат тие.

„Ние, долупотпишаните бугарски претставници од ГЕРБ/ЕНП, СДС/ЕНП и ВМРО/ЕКР во Европскиот парламент, застануваме цврсто зад европската интеграција на земјите од Западен Балкан, вклучително и интеграцијата на Република Северна Македонија како полноправна членка на Европската унија.

Убедени сме дека приклучувањето во ЕУ е најефективниот инструмент за надминување на поделбите од минатото и за историско помирување“, се вели во соопштението.

„Ние секогаш сме ја поддржувале и продолжува да ја поддржуваме европската иднина на нашите најблиски соседи од Република Северна Македонија. Во заклучоците на Советот на ЕУ во однос на проширувањето од март годинава, се напоменува дека е важно да се постигнат опипливи резултати и да се применува со добра волја Договорот за добрососедски односи со Бугарија.

За жал, и покрај нашите постојани апели, не видовме напредок во исполнувањето на овој фундаментален договор. Бугарија ги исполнува своите задолженија и ангажмани, но во исто време гледаме систематско прекршување на договорот од страна на Република Северна Македонија.

Еден од многубројните примери се последните изјави на премиерот Зоран Заев, кој ја интерпретира заедничката историја како ‘преплетена’ и ‘мултиперспективна’, што е во јасна противречност со одредбите на билатералниот договор. Ја повикуваме Република Северна Македонија да го надомести застојот, за да можат преговорите да започнат во најбрз можен рок“, порачуваат бугарските пратеници во Европскиот парламент.

Тие додаваат дека во основата на создавањето на ЕУ е идејата за надминување на непријателството и спротивставеностите меѓу европските држави.

„Пропагандата од минатото треба да биде прекината за да се отвори патот за објективно и базирано на научни докази предавање на историјата на младите генерации, како што е запишано во договорот меѓу двете земји.

Современите реалности се факт, но тие не можат да бидат аргумент за продолжување на фалсификувањата на историјата и омразата кон соседите. Историјата треба да нѐ обединува, а не да нѐ дели. Нашата подадена рака останува во името на нашата заедничка европска иднина и просперитетот на нашите граѓани“, се вели во документот.

- Реклама -