Европејците што преминаа во мистичниот ислам – суфизам

1421858665_780386_1421943109_album_normal[1]

„Се викам Бахиа, што на арапски јазик значи океан од убавина и сочувство“, рече дама покриена во црна наметка од шамијата на главата до сандалите во розoва и пурпурна боја. „Добредојдовте во моето училиште!“

Беше послужен чај, беа поделени слатки и седнавме во сенката на повеќе од 100-години старото маслиново дрво во градината на нејзиното мало училиште Монтесори, за да зборуваме за суфизмот – мистичниот огранок на исламот.

Но тоа не се случуваше во муслиманска земја – се наоѓаме на југот на католичка Шпанија.

Оргива, која се наоѓа на околу 60 км. југоисточно од Гранада, и е сместено во планинскиот регион Алпухара, е исклучително местенце. Во малото гратче живеат под 6000 жители – но фантастичното е што се тоа претставници на 68 националности, меѓу кои е и будистичката заедница О.Сел.Линг, како и кампот шатори на луѓето на Божилакот (група посветена на принципите на ненасилство и егалитаризам) – наречен Бенефисио.

Но јас дојдов во оваа планинска дивина за да се сретнам со најголемата културна заедница таму: 35 суфи семејства кои конвертирале од католицизмот и се сместиле тука.

1421858665_780386_1421858826_album_normal[1]
Оргива

Иако Шпанија е дом на многу северноафрикански мигранти, Шпанците кои конвертирале во ислам – посебно во редот на суфизмот – се исклучително ретки. Сакав да дознаам што ги мотивирало да ја сменат религијата, и зошто одбрале да живеат во овој зафрлен дел од Андалузија.

Бахиа, чие крстено име е Мариа Хозе Виља Каскос, ми објасни дека е родена во Севиља, 320 км. западно од Оргива, и студирала право и работела во Мадрид како адвокат.

„Мојата потрага по исправниот пат во животот всушност започна на Католичкиот колеџ во Севиља“, рече таа. „Ми требаа години студирање, пракса, сомнежи и експериментирање, сé додека конечно не дојдов до филозофијата и учењето на суфизмот. Начинот на животот на суфизмот, учењето за толеранција, широкоопфатното разбирање, безусловната љубов кон човештвото и целосното отфрлање на насилството ме натреаа да конвертирам. Се концентрираме на едноставноста на живеењето, ценејќи го духовното над материјалното. Тоа е исто така една од причините да се свртам од адвокат, кон образование на деца“.

Таа ми објаснуваше дека Умар, кој бил назначен емир на овој ред во 70-ите години од минатиот век, случајно живеел во Оргива пред да конвертира. Со текот на годините, тука дошле многу конвертити, како и Бахиа која ја зграпчила шансата да отвори училиште кога се отвориле многу можности.

Но суфистите од Оргива не се заостанати сонувачи. Тие користат мобилни телефони, интернет и Инстаграм. Водат и бизниси, како и Бахиа со нејзиното Монтесори училиште и нејзиниот сопруг кој има бакалница. Други си имаат фарми и ги продаваат производите. Но во нивните животи доминира верата.

1421858665_780386_1421858730_album_normal[1]

Единственото кое ги обележува како поинакви е забележливата облека: мажите носат шалвари и широки кошули, а жените шамии на глава, долги ракави и здолништа до глуждовите на нозете. Прашав, со оглед на стравот кој владее од терористички напади во Шпанија и заради кој некои луѓе почнуваат да го поврзуваат исламот со џихадистите и радикализацијата, како луѓето реагираат на нив.

„Овде во Оргива, никој не нé загледува бидејќи сме голема заедница. На други места, луѓето можеби ќе ме загледаат како сум облечена и можеби ќе ме сметаат за нетукашна, но…“, таа подзастана. Наместо да биде загрижена од загледувањата и коментарите со шепотење, Бахиа се фокусира да проповеда толеранција, љубов и разбирање.

„Со оглед на хаотичното време во кое живееме, луѓето имаат прилично едностран став за исламот. Бомбите и терористичките напади се на насловните страни, добрите дела не се. Оваа неизбалансираност треба да биде поправена и луѓето треба да сфатат дека исламот, и суфизмот посебно, значат мир и целосна посветеност на Алах, кој е бродот кој ни помага да го преминеме океанот на животот“.

Прочитајте и:  Нови поплави во Шпанија, овој пат во Жирона (ФОТО/ВИДЕО)

За да дознаам повеќе, отидов во чајџилницата и ресторан Барака, чиј сопственик е уште еден суфист – Педро Барио, кој сега се вика Ќазим. Тој потекнува од католичко семејство од Билбао каде имал семеен ресторан. И тој исто така од детството барал духовни усмерувања.

1421858665_780386_1421858870_album_normal[1]
Ќазим

„Експериментирав со многу нешта. Едно време практикував и будизам, потоа се заинтересирав за шаманизмот, психотерапијата и вивацијата (техники на медитација и дишење). Преку еден пријател се запознав со суфизмот. Кога навлегов во ова учење и дознав дека и Исус е пророк во исламот, почувствува дека конечно се пронајдов. Сé ми беше познато и знаев дека е ова вера која сакав да ја следам, па решим да конвертирам. Тоа ми дава мир и цел во животот“.

„Како реагираше вашето семејство на тоа“, го прашав.

„Не баш добро. Мајка ми сакаше повеќе да дознае, но татко ми беше бесен. Потоа се појави проблем со ресторанот. Се молам во џамија, а потоа одам во ресторанот и на муштериите им послужувам алкохол и делкам шунка. Не можев повеќе така да издржам“, ми рече тој. „Верата ми дојде како спас. Еден пријател суфист од Оргива сакаше да отвори мал исламски ресторан, но немаше пари. Ме контактираше и бидејќи јас имав пари, му станав тивок партнер, а сега и единствен сопственик“. Во Барака – каде доаѓаат негови блиски суфисти, њуејџ луѓе, туристи, но и локални жители – не се служи алкохол и свинско, но не е ниту целосно вегетаријански ресторан. Сé е домашно зготвено и органско. Нарачав супер-вкусно мароканско пилешко вариво, а потоа и богат колач со урми и цимет и шлаг.

Седењето на терасата од Барака беше лекција за тоа колку различни националности, идеологии и религии можат така мирно да соживуваат. Суканици и шамии за глава – дури и свечената портокалова руба на будистички свештеник – можат да се видат тука. Слушав англиски, француски, германски, арапски, а повремено и шпански јазик.

„Зборувате арапски?“, прашав. „Не“, се насмеа Ѓазим. „Ги кажуваме молитвите на арапски јазик, но толку знам од тој јазик“.

И покрај тоа што беше презафатен, Ќазим ме одведе до нивниот даргах (храм), каде во четврточните вечери заедницата слави дикр – слава на Алах, и хадра – медитирање. На светиот ден петок има уште повеќе верници кои доаѓаат да се молат, а се служи и заеднички оброк.

Даргах е едноставно здание, скриено меѓу маслиновите и портокаловите насади, на два километри од градот. Таму има мала соба за молење, кујна, и три спартански гостински соби резервирани за истоверниците суфисти. Децата трчаат наоколу додека жените го подготвуваат оброкот и пречекуваат група посетители.

„Овие луѓе се од Мароко и од други муслимански држави кои доаѓаат преку таканаречениот хахал туризам, посетуваат муслимански заедници во други земји. Тоа станува сé  попопуларно“, објаснува Ќазим.

Тој се согласува со Бахиа за потребата да се шири пораката за мир, љубов и разбирање до немуслиманскиот свет.

„Настрана од животот во кој ние веруваме, ние ги дочекуваме посетителите како тебе кои ќе му кажат на светот за нас“, рече тој. Пред да ми посака безбеден пат кон дома, тој дофрли: „Можеби еден ден ќе можеме сите да живееме во мир, иншалах“.

Би-Би-Си – Лондон/МИА

- Реклама -