Полскиот тим Рух Хорзов ќе биде противник на Металург во второто квалификациско коло од Лигата на Европа, доколку „металурзите“, како што се очекува, го елиминираат претставникот на Малта, Биркиркара.
Првиот натпревар би се играл во Полска на 19 јули, а реваншот ќе биде по седум дена во Македонија. Шкендија, доколку го елиминира Портадаун од Северна Ирска, потоа ќе ги одмери силите со хрватскиот тим Славен Копривница, а Ренова би играла со подобриот од мечот Виикингур (Ф. Острови) – Гомел (Белорусија).
Денешниот ждреб во Нион им одреди на македонските клубови навистина многу среќа во обидот за што е можно подолг пат во фудбалска Европа.
Металург според сите очекувања треба да ја елиминира Биркиркара од Малта, а потоа да игра со полскиот Рух Хорзов, Ренова е огромен фаворит во двомечот со Либертас од Сан Марино, а потоа ќе игра со подобриот од двомечот Виикингур – Гомел, додека Шкендија доколку го елиминира Портадаун од Северна Ирска, потоа ќе ги одмери силите со Славен од Копривница (Хрватска).
Вардар во квалификациите од Лигата на шампионите доби незгоден противник во белорускиот првак Бате Борисов, кој минатата сезона беше учесник во групната фаза од елитното натпреварување, заедно со Барселона, Милан и Плзен.