Европските земји нема да формираат обединета армија како одговор на заканите од Русија, изјави полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.
Во контекст на ставот на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека е неопходно да се создадат „европски вооружени сили“, Сикорски посочи дека овој термин може да се толкува на различни начини.
„Ако мислите на обединување на националните армии, тоа нема да се случи. Но, се залагам Европската унија да ги развие своите одбранбени капацитети“, изјави тој во интервју за полски медиуми.
Сикорски додаде дека во моментов ЕУ работи на формирање засилена воена бригада, што е дел од напорите за зајакнување на безбедносните способности на Унијата, пренесува Ројтерс.
„Ако САД очекуваат од нас да ја зголемиме нашата одбранбена подготвеност, тоа треба да вклучува национален елемент, НАТО компонента, но исто така и европска компонента. Потребни се субвенции од ЕУ за одбранбената индустрија за да се изградат производствени капацитети, но и сила на ЕУ која ќе биде соодветна на нејзиниот статус“, нагласи Сикорски.
Тој повтори дека полските трупи нема да учествуваат во воени операции во Украина затоа што примарната обврска на Полска кон НАТО е заштита на источното крило, односно сопствената територија.
Зеленски, на Минхенската безбедносна конференција, изјави дека е дојдено време за создавање на „европски вооружени сили“, потенцирајќи дека војната во Украина покажала зошто тоа е неопходно.
Тој предупреди дека Европа не може да ја исклучи можноста дека САД би можеле да избегнат да и помогнат на Европа во некои идни безбедносни сценарија, објави АП.
Зеленски, исто така, потсети дека многу европски лидери веќе подолго време зборуваат за потребата од создавање на заеднички европски сили.
Во меѓувреме, дебатата за јакнењето на европската одбрана се интензивира, особено во контекст на неизвесноста околу американската поддршка во иднина, како и зголемените тензии во Источна Европа.