Ако сте во потрага по здрава, a вкусна храна, нутриционистите радо ќе ви препорачаат диња. Дињата ќе ве освежи, има малку калории и содржи најголема количина на бета-каротен.
Дињата е идеална храна за освежување во текот на жешките летни денови. Тоа што нејзината сезона трае од јуни до август не е пречка за денес да можете да ја најдете во секое време од годината. Можете да ја јадете и до четири пати на ден, без страв околу вишокот килограми.
Без оглед на тоа што е слатка, содржи само малку шеќер и дури 91 грама вода, а само 34 калории, а од друга страна е богата со многу калиум, калциум, фосфор и биотин, како и витамин А и Ц. Калиумот му помага на организмот да се ослободи од вишокот натриум и така го намалува повишениот крвен притисок. Двата антиоксиданси, витаминот А и Ц, го штитат организмот од кардиоваскуларни болести и го забавуваат стареењето.
Дињата е богата и со тиамин, ниацин, витамин Б6, фолати и пантотенска киселина. Од минералите содржи железо, магнезиум, бакар, калиум, манган и фосфор. Некои нови истражувања тврдат дека бета каротенот од дињата помага во борбата против карцином на белите дробови, но и при рак на грлото на матката и желудникот.
Освен плодот, кој е добар за отстранување на вишокот вода од организмот, добри се и сувите семки од диња, кои особено се препорачуваат на лицата кои страдаат од болести на бубрезите.
Сокот од диња ќе ви помогне и во заштитата од штетните зраци на сонцето. Антиоксидансите во дињата помагаат во заштитата на телото од штетните радикали кои ги оштетуваат клетките на кожата. Згора на тоа, сокот ве освежува, а и го подобрува расположението. Исцедете го сокот од дињата и помешајте го со јогурт, мед и лимонов сок. Така добиената мешавина пијте ја два до три пати дневно, по една чаша.