MR технологијата уште еднаш го покажа тоа што сопствениците на кучиња веќе го знаат – кога вашето куче ќе ве здогледа, во мозокот тоа го доживува како награда.
Научници од Универзитетот во Мексико ја тестирале емоционалната реакција на кучињата покажувајќи им слики од луѓе. Проблемот со ваквиот метод е што кучето треба да е мирно, но ете, некако им успеало.
Пет шкотски овчари, еден ретривер и еден лабрадор гледале фотографии од 50 луѓе и 50 неживи објекти. Кога кучињата ќе здогледале човек, во нивната слепоочна регија на мозокот се појавувала активност. Во превод, стимулот бил на високо ниво.
Научниците сметаат дека тој дел од мозокот е многу сличен на човечкиот, што значи дека таму се одвива процесирањето на лица, и тоа преку истата активност. При гледањето на слики од луѓе активност е забележана и во субкортикалните структури на кучешкиот мозок, што не било случај кога им биле прикажувани фотографии од неживи објекти. Во тие случаи, мозочната активност била целосно отсутна.
Тој дел од мозокот исто така е поврзан и со процесот на награда, а се покажало и дека реагира на разните фацијални експресии кои би требало да ја сугерираат емоционалната состојба на нивните сопственици.
Со други зборови, вашето куче точно знае кога сте тажни. Во животинскиот свет не е необично успешното тумачење на емоциите, но ете, сега е докажано дека кучињата тоа го можат и кај луѓето. Што е сосема разбирливо – со кучињата се дружиме веќе повеќе од 18.000 години.