Кога мравките ќе се најдат во близина на смартфон што вибрира, почнуваат чудно да се однесуваат.
Научниците не можат да објаснат зошто се случува ова. Самото вакво однесување кај мравките е забележано и во други ситуации, но обично се јавува кога го губат мирисот на феромонот кој ги држи во контакт со нивната главна „извидничка единица“. Мравките воини се целосно слепи и се потпираат единствено на овој мирис за навигација. Затоа, кога ќе го изгубат, почнуваат да се следат меѓусебно во круг, формирајќи „смртоносна спирала“ која завршува дури тогаш кога мравките ќе умрат од исцрпеност.
Што се однесува до смартфонот, Најџел Ендрју од Универзитетот на Њу Ингланд постави неколку теории. Можеби кога телефонот почнува да ѕвони, радио брановите на кои оперира го пореметуваат чувството за насока на мравките. Многу од мравките користат магнетизам за да се ориентираат. Ако патуваат долги дистанци го користат магнетното поле на Земјата како трага за навигација, и така знаат дали одат на север, исток, запад или југ.
Спротивно на оваа теорија, австралискиот истражувач Сајмон Робсон од James Cook University во Квинсленд, вели дека „многу од мравките почнуваат да формираат кругови и без да има телефон“. Тој смета дека кругот е неизбежна последица од нивните комуникациски системи. Формата на телефонот можеби делумно и влијае, а вибрацијата можеби ги прави нешто повозбудени, но многу од мравките ќе го прават истото и без него.