Силно невреме го погоди Скопје: штети, паднати дрвја и активирани кризни штабови

Силно невреме го погоди Скопје: штети, паднати дрвја и активирани кризни штабови

Попладнево силен пороен дожд проследен со силен ветер го зафати Скопје и предизвика материјална штета во повеќе делови од градот. Пријавени се паднати дрвја, искршени гранки, оштетена инфраструктура и блокирани улици. Во Општина Гази Баба оштетен е и кровот на основното училиште „Наум Наумовски Борче“.

Поради последиците, повеќе скопски општини ги активираа кризните штабови и ги ангажираа службите за заштита и спасување.

Во Општина Центар, градоначалникот Горан Герасимовски свика итен состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување, по што започна координација меѓу надлежните служби. Екипите излегоа на терен за увид и преземање мерки за отстранување на последиците. Од Општината апелираат граѓаните да избегнуваат непотребно движење и проблемите да ги пријавуваат преку официјалните канали.

Општинскиот кризен штаб во Општина Бутел е во постојана комуникација со Министерството за внатрешни работи, Град Скопје, јавните претпријатија, ЕВН и Центарот за управување со кризи. Достапен е телефонски број 078 517 344 на кој граѓаните на Бутел можат да пријават последици од невремето или потреба од интервенција.

Кризниот штаб е активиран и во Општина Аеродром, каде службите се во координација со Министерството за внатрешни работи и Град Скопје. Општинските екипи работат на расчистување и санација, а граѓаните со материјална штета се повикани истата да ја пријават во Полициската станица „Аеродром“ за евиденција и изготвување записници.

Во Општина Кисела Вода се регистрирани повеќе паднати дрвја и искршени гранки. Активиран е Кризниот штаб, а службите отстрануваат дрвја и расчистуваат улици и јавни површини. Активностите се координираат со ЦУК, ЕВН и службите на Град Скопје. Од Општината упатуваат апел до сите жители: доколку во нивната околина има паднато дрво, блокиран пат или друга директна опасност предизвикана од ветерот, да пријават на следните телефонски броеви: Бобан 072 250 719, Димитар 072 443 500.

Последици има и во Гази Баба, каде покрај паднатите дрвја, оштетен е кровот на основното училиште „Наум Наумовски Борче“. Од Општината информираат дека екипите се подготвени за интервенции веднаш штом временските услови ќе дозволат.

Надлежните институции апелираат до граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат движење во близина на дрвја и нестабилни објекти и навремено да ги пријавуваат сите опасности и штети.