Каде и да живеат нашите луѓе, таму чука срцето на Македонија

Македонците од Њујорк и Њу Џерси го пречекаа премиерот Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски, во придружба на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, денес присуствуваше на традиционален собир на македонската заедница од регионот на Њујорк и Њу Џерси.

Посетата започна со литургија во црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Њу Џерси, по што премиерот оствари средба со нашите иселеници. Тој им се заблагодари за топлото добредојде и ја нагласи нивната посветеност во чувањето на врската со татковината, истакнувајќи дека грижата и поддршката за Македонците ширум светот остануваат постојан приоритет.

Државната делегација беше срдечно пречекана во храмот, каде богослужеше отец Гоце Постоловски.

Претседателот на црковната општина „Свети Кирил и Методиј“, Тони Коцевски, посочи дека за заедницата е значајно што премиерот одвои време да се сретне и да поразговара со нив, бидејќи вакви средби не се случуваат секој ден. Коцевски изрази очекување соработката со матичната држава да се унапредува континуирано, со повеќе инвестиции и со создавање услови што ќе ги охрабрат луѓето да се вратат и да градат иднина во Македонија.

Нашиот иселеник Синиша Спасовски ја оцени посетата како потврда дека институциите водат сметка и за Македонците надвор од земјата, а не само за оние дома, што, како што рече, им дава чувство на припадност и поддршка.

Делегацијата предводена од премиерот претходно престојуваше во Вашингтон на средби со претставници на американските власти, по што пристигна во Њујорк по повод годишното заседание на Генералното собрание на Обединетите нации.