Повеќето од фудбалските фанови ќе најдат начин како да го проследат Светското првенство во фудбал во живо пред телевизор или организирано во некое кафуле, но тие што нема да бидат во можност најверојатно ќе следат што се случува преку смартфон, па затоа ви претставуваме повеќе апликации.
Една од нив е апликацијата WatchESPN на американскиот спортски канал кој ќе врши пренос од сите натпревари на Мундијалот и ќе се погрижи корисниците да добијат навремени информации, статистики, анализи, видеа и најнови вести на нивните смартфони или таблети. Апликацијата WatchESPN може да се превземе бесплатно од App Store за iPhone и iPad, од Play Store за Android и од Windows Store за уредите кои работат на Windows Phone платформата.
Каналот Univision ќе врши пренoси од сите натпревари на шпански јазик и преку нивната апликација може да добиете стриминг на вашиот смартфон бесплатно за првите две кола, а понатамошните преноси од натпреварувањето ќе се наплаќаат.
Исто така ја препорачуваме и апликацијата на LiveScore која освен што ќе ја користат обложувачите за резултати во живо, може да послужи и за следење на Светското првенство кое ќе трае од 12 јуни до 13 јули со голем број на дополнителни податоци.
Тие што сакаат да играат на сигурно може да ја инсталираат официјалната апликација на ФИФА посветена на Мундијалот во Бразил, која ветува дека ќе обезбеди ексклузивна содржина со целосно покривање на сите случувања на и надвор од фудбалските терени.
Постои можност и за наоѓање на тв канали кои ќе вршат пренос на натпреварите преку познатиот интернет сајт Live Soccer TV кој има и мобилни апликации за Android и iOs и можеби преку нив ќе успеете да најдете некој тв канал чиј стриминг фаќа и во Македонија и е бесплатен.
Бонус за корисниците на Android е можноста преку Google Now да добивате потсетници за натпреварите, како и да одберете една селекција за која навивате за сите резултати и новости во текот на првенството.
Текстот е објавен во соработка со Telefoni.com.mk