Посетителите и персоналот на трговско-забавниот центар „Мозаик“, во југоисточниот дел на Москва, се евакуирани поради анонимна закана за поставена експлозивна направа, изјави за руската државна новинска агенција, претставник на Итната служба на главниот град.
„Анонимен повик со закана за бомба имаше во трговскиот центар „Мозаик“ на улица Кожуховскаја бр. 7, зграда 9“, рекол соговорникот на руската агенција.
Според него, при безбедносната проверка сите посетители и персоналот биле евакуирани од зградата.
Претходно, како што јави рускиот портал Маш, поради закана за поставени бомби денеска во Москва се евакуирани 700 лица од болницата „Пирогов“, во која се сместени настраданите од терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“.
Порталот објавува дека до Националниот медицинско-хируршки центар „Пирогов“ било испратено писмо за можна експлозија. Во известувањето се наведува дека станува збор за импровизирани експлозивни направи од фосфор со 40-минутен тајмер, кои наводно се сместени во четири ранци на неколку ката од медицинската установа. Пациентите и персоналот се евакуирани од зградата, а на лице место пристигнала и итната помош.
Во терористичкиот напад на 22 март во концертната сала „Крокус Сити Хол“ во Подмосковље загинаа 137 лица.