Меѓу земјите членки на НАТО расте загриженоста за ризикот по сплотеноста на Алијансата и посветеноста на Париз на поддршката на Украина, доколку по вториот круг од парламентарните избори во Франција в недела, екстремната десница стане дел од француската Влада, наведува бриселскиот информативен портал „Еурактив“, пренесувајќи изјави на дипломати во Пактот кои побарале анонимност.
Според нив, постои сериозна загриженост за ризиците што би ги предизвикало влегувањето на екстремно десничарскиот Национален собир (РН) во Владата на Франција, што би можело да резултира и со ослабување на француската поддршка за Киев во блиска иднина.
Дипломатите посочуваат дека водечки членки на НАТО сметаат оти РН, кој потенцијално би можел да има главен збор во следната Влада или да дејствува како силно „блокирачко малцинство“ во француското Национално собрание по изборите в недела, може да ја доведе во прашање „иднината на влијанието на Франција во Алијансата“, имајќи ги предвид ставовите на партијата околу целите на Пактот и помошта за Украина.
Дополнителна загриженост поврзана со единството и континуитетот на помошта на НАТО за Украина предизвикуваат и се позачестените критики во некои сојузнички земји од Источна Европа на засиленото присуството на силите на Алијансата на нејзиното Источно крило.
Но, според дипломатите, за разлика од помалите земји членки, како Унгарија или Словачка, кои ја доведуваат во прашање поддршката за Украина, прифаќањето на таквата политика од страна на Париз би имало многу поголемо влијание врз НАТО, имајќи предвид дека Франција заедно со САД, Германија и Велика Британија, ја сочинува неформалната група позната како „Квад“, која го има главното влијание врз утврдувањето на долгорочната стратегија на Алијансата.
Актуелната француска Влада што ја сочинуваат сопартијци и коалициски партнери на францускиот претседател Емануел Макрон, го заостри тонот кон Русија и испрати дополнителни сили во Романија за да ја зајакне одбраната и одвраќањето на Источното крило на НАТО. Но, доколку се формира нова Влада со учество на РН, многу веројатна е промена на ваквите приоритети и таа дури би можела да ги оспори ингеренциите на Макрон за воените прашања, кои по традиција се во надлежност на францускиот претседател, сметаат дипломатите.
Експертот за воени прашања и специјален советник во либералниот тинк-тенк „Институт Монтењ“, Мишел Дукло смета дека евентуалната „Влада на РН“ би можела да дејствува на „мек и суптилен“ начин.
– Војниците што Франција ги испраќа во НАТО би можеле да бидат со понизок ранг. А, Франција, исто така, би можела во целина да дава помалку војници, изјави Дукло за „Еурактив“.
Со ваквата можност се согласува и дипломат од НАТО, кој не исклучува Франција дури повторно да ја напушти воената команда на Алијансата.
Во 1966 година тогашниот француски претседател Шарл де Гол донесе одлука за повлекување на Франција од интегрираната воена командна структура на НАТО, изразувајќи намера за поголема воена независност на земјата, особено во однос на САД. Ваквата одлука беше променета дури во 2009 година, по што Франција се реинтегрираше во командната структура на Алијансата.
Во Манифестот на РН за одбранбената политика, усвоен во 2022 година, е наведено дека партијата ќе се залага за „повлекување од Интегрираната воена команда на НАТО“, за „дискусија за иден стратешки договор со САД“, за „дијалог со Русија за клучните заеднички досиеја“, како и за „замрзнување на сите структурни соработки со Германија“.
Манифестот е отстранет од официјална веб-страница на партијата, што се толкува како омекнување на ставот на РН во врска со овие прашања, како резултат на продолжувањето на руската агресија врз Украина.
Претседателот на РН, Жордан Бардела во февруари изјави дека Франција нема да ја напушти интегрираната воена команда на НАТО „додека трае војната“, став што потоа го повтори уште во неколку наврати.
Според Дукло, мала е веројатноста Франција да се повлече од командните структури на НАТО веднаш по евентуалното преземање на власта од страна на екстремната десница.
– НАТО не е главниот аспект на политиката на РН, така што може да се ублажи загриженоста на другите земји членки дека нешто многу ќе се промени, смета Дукло.
Сличен став изнесе и претставник на американскиот Стејт департмент, запрашан дали САД се загрижени околу исполнувањето на обврските на некои земји членки на НАТО кон Украина.
– Не постои вистинска загриженост. Сојузниците секогаш се соочувале со избори, оцени претставникот на Стејт департментот.