Европската унија вечерва соопшти дека денешното затворање на девет филијали на Поштата Србија на северот на Република Косово од страна на властите во Приштина е унилатерален и некоординиран чекор што ги прекршува договорите постигнати во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина во рамките на покровителство на ЕУ.
Како дел од Договорот за телекомуникации постигнат во 2013 година и Акциониот план договорен во 2015 година, двете страни се согласија да разговараат за поштенските услуги „во подоцнежна фаза“, со што се признава дека ова прашање може да се реши само преку дијалог, соопшти Брисел.
Во соопштението од Брисел се наведува дека ЕУ е подготвена да го вклучи ова прашање на дневен ред на следниот состанок во рамките на Дијалогот и оти очекува страните да развијат конструктивни идеи кои би можеле да послужат како основа за решенија.
-Едностраните и некоординирани дејствија не можат да обезбедат решенија за ова или кое било друго прашање поврзано со процесот на нормализација меѓу Косово и Србија. Затворањето на постоечките служби за Србите во Косово, без претходно договорен аранжман, дополнително негативно ќе влијае на секојдневниот живот и ќе го услови животот на оваа заедница. Ја повикуваме владата на Косово да ја преиспита својата одлука и да најде решение со преговори за ова прашање во рамките на дијалогот, се додава во соопштението на ЕУ.