ЕУ воведува нови правила за заштита на работниците од изложеност на олово и диизоцијанати

ЕУ донесе нови правила со кои за петпати се намалува максималното дозволено ниво на изложеност на луѓето на олово и неговите неоргански соединенија на нивните работни места.

Со новите правила, што се воведуваат првпат по 40 години, се предвидува до 2028 година максималната граница на професионална изложеност на олово да се намали од 0,15 на 0,03 милиграми на кубен метар, а на биолошката гранична вредност од 70 на 15 микрограми на 100 милилитри крв.

Оловото се акумулира во коските и полека се ослободува во циркулаторниот систем, што, меѓу другото, може да влијае на сексуалното здравје и плодноста и да предизвика оштетување на нервниот систем.

Затоа, според усвоената директива, работниците кои имаат високо ниво на олово во крвта поради изложеност што настанала пред усвојувањето на овие правила, ќе подлежат на редовен медицински надзор и ќе можат да продолжат да работат со олово само доколку нивото на оваа супстанца во крвта покажува тренд на опаѓање.

Прочитајте и:  Блумберг: Европа ќе мора да ги удвои трошоците за одбрана поради војната во Украина

Дополнително, со директивата првпат во ЕУ се поставуваат гранични вредности за диизоцијанати, група на штетни материи на кои моментно се изложени 4,2 милиони работници во Унијата и кои можат да предизвикаат астма и дермални заболувања.

Максималната вредности за диизоцијанати при професионална изложеност треба да се ограничи на 6 микрограми на кубен метар, а граница за краткорочна изложеност на 12 микрограми на кубен метар.

Директивата ќe стапи во сила 20 ден од нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ, по што земјите членки ќе имаат рок од две години да ги инкорпорираат овие одредби во нивните национални законодавства.

Со оваа директива се изменуваат два законски акти за заштита на работниците од ризици поврзани со изложеност на канцерогени, мутагени и репротоксични супстанции при работа и за заштита на работниците од ризици поврзани со хемиските агенси на работните места.

- Реклама -