ЕУ вечер на Охридско лето

Во црквата „Св. Софија“ во Охрид, вечерва во 21 часот ќе се одржи ЕУ вечер на фестивалот Охридско лето, а ќе настапат Ками Тома, на виолончело и Жилиен Брокал, на пијано.

Ками Тома е родена е во 1988 година во Париз, и започнува да учи виолончело на четиригодишна возраст. Нејзиниот брз напредок во класата на Марсел Бардон резултира со преселба во Берлин каде во 2006 година започнува да студира во класата на Штефан Фрок и Фаранс Халмерсон на Високата школа за музика „Ханс Ајслер“, а постдипломските студии ги завршува на Високата школа „Франц Лист“ во Вајмар. Соработивала со диригенти како Пааво Јерви, Мико Франк, Марк Сустро, Дарел Анг, Кент Нагано, Стефан Денев и со оркестри меѓу кои Германската камерна филхармонија во Бремен, Академијата „Санта Чечилија“, „Симфониа Варшовија“, Државиниот оркестар во Хамбург, фестивалскиот гудачки оркестар во Луцерн, Националниот оркестар во Бордо и Бриселската филхармонија. Ками Тома свири на инструментот Страдивари „Фојерман“ од 1730 година кој ù е позајмен на користење од фондацијата „Нипон“.

Францускиот пијанист Жилиен Брокал музичкиот магазин Би-Би-Си го прогласува за откритие на годината во 2018 и оттогаш настапува во познати концертни сали низ целиот свет. Има издадено неколку албуми, еден посветен на Шопен и еден на Равел и Момпу, како и трилогија заедно со виолончелистката Ками Тома посветена на Ф. Шопен. Оваа сезона го очекува промоција на нов албум со наслов „Тука“ кој содржи негова авторска музика и уште едно издание заедно со Ками Тома со која настапува и на бројни концерти. Покрај неа тој соработува со виолинистот Даниел Хоуп, како и со Розан Филипенс. Традиционалната концертна кариера, Брокал ја комбинира со работата во неговото студио наречено „Музичка градина“ кое е креативен еко-систем и ги рефлектира принципите на перма-култура овозможувајќи простор за изведби во живо, снимања и резиденции.

- Реклама -