Шефот на ЕУ дипломатијата потврди дека доколку Шведска или Финска бидат предмет на воена агресија од Русија пред да се зачленат во НАТО, ЕУ има слична одредба како членот 5 во НАТО, јави дописничката на МИА од Брисел.
Ова високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, го изјави по новинарско прашање за членот 42.7 на Повелбата на ЕУ. Овој член, сличен на членот 5 на Повелбата на Северноатлантската Алијанса, ги обврзува земјите членки на ЕУ да помогнат на земја мета на напад.
„Јасно пишува дека ако земја членка е нападната на нејзината територија, ако има воена агресија врз земја членка на ЕУ, таа земја може да побара од другите да ѝ помогнат, и другите се обврзани да го сторат тоа, со сите средства, ни повеќе, ни помалку, но земјата мора да го побара тоа. Ако побара, постои обврска во Повелбата, да се надеваме дека тоа нема да се случи никогаш“, рече Борел на прес конференцијата денеска по министерскиот совет за одбрана во Брисел.
Земјите членки разговарале и за зголемувањето на буџетите за одбрана.
Тој оцени дека има подготвеност во ЕУ да се издвои повеќе за одбраната во ЕУ, но потенцираше дека тоа треба да се направи на добар и ефикасен заеднички начин. Од 2008, Европската Унија е во процес на разоружување и намалување на воените трошоци, но сега, рече Борел, „се наоѓаме во различна ситуација“ откако започна војната во Украина и ЕУ треба да се „соочи со последиците“ и да го прекине трендот на разоружување.
Истовремено земјите на ЕУ ќе ја зголемат воената помош за Украина за уште 500 милиони евра, со што вкупниот износ од Европскиот Мировен Фонд за Украина ќе постигне две милијарди евра, рече шефот на ЕУ дипломатијата. Паралелно, земјите членки ќе продолжат и да ѝ испраќаат оружје на Украина.
Извор: МИА