ЕУ ги модернизира и дигитализира возачките дозволи

Европската комисија денеска предложи модернизација на возачките дозволи, вклучително и воведување дигитални дозволи, први во светот, кои ќе важат во цела ЕУ.

Предложени се и нови одредби за подобрување на примената на сообраќајните прописи во прекуграничниот сообраќај.

Комисијата наведе дека во 2022 година на патиштата во ЕУ загинале повеќе од 20.000 луѓе, а најпогодени се пешаците, велосипедистите и возачите на скутери и мотоцикли.

Новите правила ќе ја подобрат безбедноста на сите учесници во сообраќајот, а исто така и ќе ѝ помогнат на Унијата, велат од ЕУ, да ја постигне својата цел да нема смртни случаи на патиштата до средината на векот.

Целта на измените е и подобра подготовка на возачите за возила со нулта емисија и возење во услови кога има поголем број велосипеди и пешаци.

Правилата ќе им овозможат на младите возачи да стекнат искуство преку шема за возење со придружба од 17-годишна возраст.

Прочитајте и:  Мерц ја повикува Европа да му покаже заби на Трамп

Комисијата наведе дека целта на модернизацијата на возачките дозволи, која е инспирирана од најдобрите практики од неколку земји-членки, е патиштата да се направат побезбедни и да се поедностави секојдневниот живот.

Се наведува дека за новите возачи е предвиден пробен период од најмалку две години и нулта толеранција за возење под дејство на алкохол.

Комисијата соопшти и дека целта на воведувањето дигитални возачки дозволи е да се поедностави признавањето на дозволите меѓу земјите-членки.

Дигиталните дозволи полесно ќе се заменат и обновуваат бидејќи сите процедури ќе бидат онлајн. Исто така, на граѓаните од земјите кои не се членки на ЕУ со споредливи стандарди за безбедност на патиштата ќе им биде полесно да ја заменат својата дозвола за дозвола на ЕУ.

Предлогот на Комисијата сега треба да биде разгледан од Европскиот парламент и Советот во редовната процедура.

Извор: МИА

- Реклама -