ЕСС: Минималната плата за 2024 година 22.567 денари

Минималната плата за 2024 година ќе изнесува  22.567 денари во нето износ и бележи пораст од 3.613 денари во бруто износ, односно 2.392 денари во нето износ во однос на минималната плата за 2023 година, е утврдено на денешната втора седница на Економско социјалниот совет (ЕСС).

На седницата на ЕСС, информираат од Министерството за труд и социјална политика (МТСП), се разгледуваа повеќе точки меѓу кои утврдување на висината на минималната плата,  имплементацијата на работниот план на прегледот на занимања за периодот 2023 година, Извештајот за работа на Државниот инспекторат за труд за 2023 година и Информација за учество на Меѓународната конференција на трудот во Женева во јуни 2024 година.

-По однос на минималната плата, согласно член 4 од Законот за минимална плата, висина на минимална плата во бруто износ за месец март секоја година се усогласува со: 50 отсто од порастот на просечно исплатената нето плата, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика, велат од МТСП.

Порастот по основ на просечно исплатената нето плата, додаваат, е 14,9 отсто според соопштението бр.4.1.24.16 од 22.02.2024 година на Државниот завод за статистика, а порастот на индексот на трошоците на живот изнесува 9,4 отсто според податоци на Државниот завод за статистика објавени со соопштение 4.1.24.02 од 09.01.2024 година.

-Согласно членот 4 од Законот за минималната плата за 2023 година треба да се усогласи:

50 % од 14,9% = 7,45 %

50 % од 9,4 % = 4,70 %

7,45 % + 4,70 % = 12,15 % при што минималната плата за 2023 година во износ од 29.739 денари, усогласена, односно зголемена за 12,15 % ја дава минималната плата за 2024 година, односно истата изнесува 29.739 + 12,15 % = 33.352 денари во бруто износ и 22.567 денари во нето износ. Во однос на минималната плата за 2023 година, минималната плата за 2024 година ќе бележи пораст од 3.613 денари во бруто износ, односно 2.392 денари во нето износ, прецизираат од МТСП.

Извештајот за работа на Државниот инспекторат за труд за 2023 година, како што велат, содржи број на инспекциски надзори од областа на работните односи и безбедноста и здравје при работа, број на инспекциски мерки, број на контролни инспекциски надзори, број на поднесени прекршочни барања за сторителите на прекршокот и исходот од прекршочните барања кои се евидентира од страна на Државниот инспекторат за труд.

-Во врска со работниот план на прегледот на занимања за периодот 2023 година изготвени се 10 занимања според предвидениот работен план за преглед на занимања за периодот 2022 – 2026 година и изработката на занимањата оди согласно предвидената методологија, посочуваат од МТСП.

- Реклама -