Во реакција до „Курир“ за веста „(ФОТО) Дневно во Македонија влегуваат до 10 шлепери со ѓубре увезено од Италија?!“, која всушност е преземен Фејсбук статус објавен пред три дена од револтиран граѓанин, АД Електрани на Северна Македонија (претходно Електрани на Македонија, ЕЛЕМ) категорично демантира дека во термоелектраните за производство на електрична енергија во Битола и во Кичево се гори отпад. Текстот, во кој ова се наведува, од ЕСМ го нарекоа „лажна вест“.
„Наведениот текст е целосно невистинит и содржи лажни информации за нашата компанија, со кои се нарушува угледот на најголемиот производител на електрична енергија во државата, АД Електрани на Северна Македонија, а исто така се вознемирува населението, особено жителите во близина на нашите производни капацитети“, пишува во реакцијата.
Од ЕСМ информираат дека сите заинтересирани граѓани, новинари, невладини организации и сите засегнати страни можат да ги посетат термоелектраните во Битола и Кичево, да го видат процесот на производство на електрична енергија и да консултираат експерти, како на АД ЕСМ, така и надворешни, кои ќе потврдат дека во термоелектраните не е возможно да се согорува и не се согорува ништо друго освен јаглен.
„Од тие причини, бараме ВЕДНАШ да ја повлечете лажната вест објавена во Вашиот медиум и да објавите точни и проверени податоци на темата, со цел јавноста да биде информирана, а не да биде дезинформирана преку неосновани напади на стопански субјекти.
Бараме овој демант да биде објавен на Вашиот медиум на истото место, во истиот формат и во истото временско задржување на насловната страна како и текстот на кој се однесува демантот, согласно Уставот чл.16, Законот за медиуми, Законот за граѓанска одговорност и клевета и Кодексот за етика на новинарите“, стои во рекацијата на ЕСМ.