Ескобар: Северна Македонија треба веднаш да стане членка на ЕУ

„Северна Македонија треба да биде полноправен кандидат и веднаш да стане членка на Европската Унија. Северна Македонија е многу цврст партнер, билатерално и во мултилатералнои сојузи како НАТО и ОБСЕ“, изјави специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој се наоѓа во посета на Приштина.

Ова на својата официјална Фејсбук страница го објави американската Амбасада во Скопје.

Ескобар вчера порача дека земјава е многу солиден партнер на САД, како билатерално така и мултилатерално во НАТО и ОБСЕ, и дека Вашингтон очекува и новата влада по изборите да биде посветена на членството во Алијансата и на евроинтеграциите.

„Претходната Влада беше посветена на членство во НАТО и на пристапувањето во ЕУ и нашите очекувања се владата што ќе дојде по изборите да биде слично посветена на членството во НАТО, пристапувањето во ЕУ и на борбата против корупцијата“, изјави Ескобар на брифинг во Брисел пред неговата посета на Приштина, Виена и Подгорица.

Тој изрази надеж дека по изборите ќе се создаде можност да допатува во Македонија, бидејќи, како што нагласи, сегашниот престој во регионот ќе биде посветен на актуелните прашања како оние поврзани со Косово и случувањата во Црна Гора.

 

- Реклама -