Ескобар: Курти не ме убеди дека се залага за нормализација на односите со Белград

Заменикот-помошник државен секретар на САД Габриел Ескобар во пресрет на новата рунда дијалог меѓу Белград и Приштина, изјави дека не добил гаранции од косовскиот премиер Албин Курти дека е посветен на спроведувањето на Договорот за нормализација на односите и неговиот анекс, јави дописникот на МИА од Белград.

Габриел Ескобар рече дека САД, во пресрет на следната рунда дијалог во Брисел, побарале од Белград и Приштина да се посветат на конкретни обврски во однос на договорот за нормализација на односите и анексот за негово спроведување.

Ескобар во интервју за Гласот на Америка изјави дека не добил гаранции од Албин Курти дека е посветен на спроведувањето на договорот, што Курти го објави на Твитер во понеделникот.

„А тоа, кога станува збор за косовската страна, значи презентирање на нацрт-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство (ЗСО). Курти не се обврза да го направи тоа. Во суштина, она на што се обврза е да присуствува на состаноците во Брисел и ништо повеќе од тоа“, рече Ескобар.

Прочитајте и:  Мицкоски за барањето на Ахмети: Косово да интервенира кај уставните судии кои ДУИ и СДСМ ги избраа? Шокантно

Тој потсети дека последиците кои би можеле да настанат се веќе видливи – доколку Белград и Приштина ја пропуштат можноста за нормализирање на односите.

„Зборуваме за мерките што ги воведе Европската Унија, кои се огледаат во неможноста за напредок во некои механизми на пристапниот процес – кои се доста сериозни. Иако Косово ги означи како санкции, не станува збор за реални казнени мерки. За Србија исто така би било многу слично.

Во врска со Косово се работи и за можности за нови признавања, донаторски конференции, стратешки билатерален дијалог со САД и блиски односи со НАТО. За жал, ако нема напредок, сето ова ќе се пропушти оваа година. И за Србија ќе биде многу слично. Мислам дека Европската Унија ќе сака да види јасни сигнали за интерес за имплементацијата на договорот за нормализација додека го разгледуваат степенот во колкава мера Србија напредувала во пристапниот процес“, истакна Ескобар.

МИА

- Реклама -