Ескобар: Косово да ги исполни барањата за регистерските таблички и формирање Заедница на српски општини

Американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, денеска изјави дека Косово мора да ги исполни барањата на западните земји во однос на регистерските таблички и формирањето на Заедницата на српските општини, пренесе Бета.

Ескобар за програмата на „Гласот на Америка“ на албански јазик изјави дека повлекувањето на Србите од косовските институции е „бескорисно“, но и дека тоа создало „прилично опасна“ ситуација на северот на Косово.

„Бевме многу јасни и отворени за тоа што очекуваме од двете страни. Побаравме од Косово период од една година да спроведе кампања за информирање на јавноста и да ја подготви ранливата заедница да биде подготвена да ги смени регистарските таблички на автомобилите“, рече Ескобар.

Прочитајте и:  Гринфилд: Се додека Украинците се борат против инвазијата и идеологијата на „посилниот секогаш е во право“, САД ќе ги поддржуваат

Тој ги повика косовските власти да го стават на дневен ред прашањето за ЗСО.

„Од наша гледна точка и гледна точка на партнерите на Квинтата, тоа е барање и ние ќе останеме цврсти“, рече Ескобар.

Говорејќи за српската страна, американскиот функционер рече дека секој протест треба да биде мирен.

„Повлекувањето на Србите од косовските институции не е корисно. Ги повикувам партиите да бидат подготвени веднаш да ги исполнат овие прашања“, додаде Ескобар.

МИА

- Реклама -