Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис „повеќе не постои за него“. Изјавата следува по забелешките и критиките кои Мицотакис ги испрати на сметка на Турција за време на неговата неодамнешна посета на САД.
Како што оцени Ердоган во ТВ обраќање по состанок на владата, Мицотакис „зборувал против Турција“, воедно и со тоа што побарал од Конгресот на САД да не дозволи борбени авиони Ф-16 да ѝ се продаваат на Турција.
„Минатата недела тој ги посети САД и зборуваше во Конгресот и ги предупреди да не ни даваат Ф-16… Тој веќе постои за мене. Никогаш нема да се согласам да се сретнам со него. Ќе продолжиме напред со чесни политичари“, рече Ердоган, додавајќи дека состанокот на Стратешкиот совет планиран да се одржи наскоро со Грција веќе нема да се одржува.
Администрацијата на Џо Бајден бара од Конгресот да ја одобри продажбата на авионите, но за време на неговата посета на Вашингтон минатата недела, на заедничката седница на Конгресот, Мицотакис предупреди дека предложената воена продажба, доколку се оствари, може да создаде дополнителна нестабилност во регионот.
Извор: МИА