Ердоган: Крим треба да ѝ биде вратен на Украина

Киев, 24 август 2022 (МИА) – Крим треба да ѝ биде вратен на Украина, изјави претседателот на Турција – Реџеп Тајип Ердоган во видеопораката испратена до учесниците на Втората средба на иницијативата „Кримска платформа“.

„Ние не ја признаваме анексијата од Русија. Тоа е принципиелен став кој има не само правна, туку и морална основа. Враќањето на Крим на Украина е исто така услов на меѓународното право. Заштитата на територијалниот интегритет, суверенитет и политичкото единство Украина е од клучно значење не само за регионалната, туку и за глобалната безбедност и стабилност“, истакна Ердоган.

Тој, на виртуелната средба на светски лидери чиј домаќин беше украинскиот претседател Володимир Зеленски, се осврна на гаранциите за безбедноста и благосостојбата на кримските Татари.

Прочитајте и:  Орбан: САД предводени од Трамп ќе ја напуштат војната во Украина

„Кримските Татари се еден од домородните народи на Крим. Тие страдаа од настаните. Обезбедувањето на нивната безбедност и благосостојба е меѓу приоритетите на Турција. Во овој поглед, сакам да потсетам дека Турција очекува да бидат ослободени и што е можно поскоро и да се вратат кај семејствата заменик-претседателот на Националното собрание Нариман Џелал и неговите соборци, кои беа приведени поради нивното учество на првиот Самит на Кримската платформа“, посочи Ердоган.

Тој додаде дека Турција ќе продолжи да биде на страната на украинската Влада и кримските Татари, како и оти ќе продолжи да прави напори за решавање на украинската криза.

- Реклама -