Ердоган го повика исламскиот свет да се обедини во подршката за палестинскиот и либанскиот народ

Еден од најдобрите одговори на „ционистичката агресија“ врз Газа и Либан би бил што повеќе земји да ја признаат државата Палестина, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Тој ја истакна суштинската потреба исламскиот свет да ги остави настрана несогласувањата и да се обедини за поддршка на палестинскиот и либанскиот народ во нивната, како што рече, праведна борба против израелската агресија, јави Анадолија.

Говорејќи на отворањето на 40. седница на Постојаниот комитет за економска и трговска соработка (COMCEC) на Организацијата за исламска соработка во Истанбул, Ердоган повторно посочи дека во Газа се случува еден од најбруталните геноциди на векот.

-Ционистичкиот режим и неговите поддржувачи 13 месеци извршуваат секаков вид на угнетување и геноцид, но не успеаја да ги покорат Палестинците, рече Ердоган.

Прочитајте и:  МКС издаде налог за апсење на Нетанјаху, Галант и лидерот на Хамас

Тој додаде дека Турција, со поддршка на египетските власти, доставила повеќе од 85.000 тони хуманитарна помош во Газа и дека „еден од најдобрите одговори на ционистичката агресија врз Газа и Либан ќе биде што повеќе земји да го признаат држава Палестина“.

Турската агенција потсетува дека Израел ја продолжува офанзивата на Појасот Газа по минатогодишниот напад на Хамас и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации која бара итен прекин на огнот. Оттогаш, според локалните здравствени власти, повеќе од 43.300 луѓе, главно жени и деца, се убиени, а повеќе од 102.000 се повредени.

Израел, исто така, се соочува со обвинение за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговата смртоносна војна против Појасот Газа, додава Анадолија.

- Реклама -