Само еден час откако највисокиот суд во Турција го прогласи за нелегален декретот од 1934 година на таткото на модерна и секуларна Турција – Мустафа Кемал Ататурк, со кој Света Софија стана музеј, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган потпиша нов декрет со кој 1.500 години стариот културен споменик станува џамија.
„Донесена е одлука да се предаде управувањето со Џамијата Ајасофија на Директоратот за верски работи и да биде отворена за молитва“, се вели во декретот на Ердоган, кој тој го сподели и на Твитер.
Ердоган ја донесе ваквата одлука и покрај претходните силни реакции од целиот свет, почнувајќи од САД па до црковните лидери, да не го менува статусот на Света Софија, која претставува светско културно наследство заштитено од УНЕСКО, многу значајно и за муслиманите и за христијаните, но и главна точка на две големи империи во историјата – Византиската и Отоманската. Воедно, Света Софија е и еден од најпосетуваните споменици во Турција.
Грчкото Министерство за култура ја оцени одлуката на судот како „отворена провокација“ за цивилизираниот свет.
Претходно, Вселенскиот патријарх Вартоломеј предупреди дека претворањето на Света Софија во џамија ќе насочи милиони христијани од целиот свет против исламот.
„Како музеј, Света Софија има можност да биде место и симбол на средби, дијалог и мирен соживот на народите и културите, на меѓусебно разбирање и солидарност на христијанството и исламот, што се особено неопходни и корисни за современиот свет…
Света Софија, несомнено е еден од најважните класични споменици во светската култура…
‘Класично’ е она што секогаш ги надминува границите на народите и периодот во кое бил создаден и не припаѓа само на оној што го поседува, туку на целото човештво. Во оваа смисла, турскиот народ има големата одговорност да ја истакне универзалноста на овој прекрасен споменик“, порача Вселенскиот патријарх.
Ердоган, меѓутоа, низ целиот свој 17-годишен мандат, се обидува да го вметне исламот во центарот на турската политика. Претворање на Света Софија во џамија е негова долгогодишна заложба.