Властите во Берлин во вторникот признаа дека Германија бележи епидемија на таканаречените „лажни татковци“ низ земјата. Се проценува дека такви ги има 5.000 годишно.
Се работи за мажи Германци кои прифаќаат татковство врз мигрантско дете со цел детето да добие германски пасош, во замена за исплата во кеш. Ако детето им е граѓанин на Германија, тогаш мајките можат да добијат дозвола за траен престој во Германија.
„Бизнисот од забрзувањето на визните процедури по пат на лажно татковство (родителство) е национален феномен“, вели државниот секретар за внатрешни работи Оле Шродер. Вели дека тие 5.000 случаи годишно се однесуваат само на тие што „се фатени“, што значи дека вистинската бројка сигурно е далеку поголема. Според германската RBB, само во Берлин има около 700 случаи на лажно татковство.
Во многу од случаите, мажите што прифаќаат татковство живеат од социјална помош, и како резултат се исклучени од тоа да мораат да плаќаат алиментација за детето што ќе го признаат.
Мартин Стелтнер – претставник на канцеларијата на берлинското обвинителство, вели дека наишле и на маж што имал прифатено татковство врз дури 10 различни бебиња.
Комплицирано е
Владата веќе планира воведување на легислативи кои ќе ја попречат индустријата на лажни татковци, исто како што претходно направи со лажните бракови за побрзо добивање виза. Сепак, овојпат е малку покомплицирано.
Прво, можно е децата да останат „бездржавни“, т.е. без ничие државјанство. Второ, не смеат да бараат ДНК тестови бидејќи така се нарушува личниот живот на граѓанинот. Кое име и да стои на изводот на родените – легално гледано – е татко на бебето, без разлика дали е биолошки татко или не.
„Со ова во предвид, многу ќе биде тешка правната истрага“ на тие за кои ќе се јави сомневање дека учествуваат во измама со лажно татковство.