ЕП го повика НАТО да ја покани Украина во алијансата

Членовите на Европскиот парламент (ЕП) денеска го повикаа НАТО да ѝ испрати покана на Украина за членство и дадоа поддршка за отворање на пристапните преговори со Европската унија оваа година.

Во резолуцијата која беше усвоена со 425 гласа „за“, 38 „против“ и 42 воздржани, се изразува очекување дека пристапниот процес за членство во НАТО ќе започне веднаш кога ќе заврши војната и дека тој ќе биде завршен што е можно поскоро, соопштија од Европскиот парламент.

Европратениците изјавија дека додека не се постигне полноправно членство, ЕУ и нејзините членки, заедно со сојузниците во НАТО и истомислениците, мора тесно да соработуваат со Украина за да развијат привремена рамка за безбедносни гаранции, која треба да се спроведе веднаш по војната.

Прочитајте и:  Бајден брза да испрати помош за Украина пред инаугурацијата на Трамп

Парламентот ја поздрави одлуката на Европскиот совет да ѝ додели кандидатски статус на Украина во 2022 година и изрази надеж дека Европската комисија ќе даде позитивна препорака откако земјата ќе ги спроведе седумте чекори наведени во мислењето на Комисијата.

Европарламентот исто така повика на усвојување на сеопфатен пакет на ЕУ за закрепнување на Украина, кој треба да биде насочен кон итна, среднорочна и долгорочна помош, обнова и закрепнување.

Во септември минатата година Украина поднесе барање за членство во НАТО. Следниот самит на воениот сојуз ќе се одржи на 11 и 12 јули во Вилнус.

МИА

- Реклама -