ЕКСТРЕМНО ЛАДЕН БРАН ВО МАКЕДОНИЈА: Поларен студ, наутро до -20°C!

ЕКСТРЕМНО ЛАДЕН БРАН ВО МАКЕДОНИЈА: Поларен студ, наутро до -20°C!

Метеоролошката анализа покажува дека под влијание на поларната воздушна маса која директно се спушта од Русија кон територијата на Македонија, до крајот на неделата ќе преовладува екстремно студено време. Особено во утринските часови, температурите насекаде ќе бидат под нулата. На многу локации ќе се спуштат и до околу -10 степени, а во некои области дури и до -15 степени. На повисоките предели, планинските региони и скијачките центри, температурата ќе достигне вредности под -15, па дури и до -20 степени.

Во главниот град, Скопје, и околните населени места исто така ќе биде многу студено, особено во утринските часови кога температурата ќе се движи околу -10 степени.

Во текот на денот, максималните температури ќе се искачуваат неколку степени над нулата, но на возвишените населени места, планините и скијачките центри, тие ќе останат под нулата дури и преку ден. Во југоисточните делови на земјата, каде што климата е нешто поблага, дневните температури ќе бидат малку повисоки во однос на останатите региони, достигнувајќи околу 8 до 9 степени.

Според моменталните предвидувања, поголемо зголемување на облачноста, проследено со локални врнежи од дожд и снег, се очекува во недела, на 23 ноември.