Продолжува топлотниот бран на Балканот кој трае повеќе од 10 дена.
Целиот Балкан и делови од Источна Европа се под топлотен бран од почетокот на јули, а се предвидува дека горештините ќе траат уште две недели, пишува метеоролошката служба Severe Weather Europe (СВЕ).
– Ова е историски топлотен бран со дневни температури кои го надминуваат прагот од 40 степени Целзиусови. Најинтензивен е на Балканскиот Полуостров и во Источна Европа. Морињата во медитеранскиот регион исто така стануваат жешки и на места достигнуваат 30 степени Целзиусови, соопшти СВЕ.
Според прогнозите на глобалните временски модели, температурите низ јужна и источна Европа во текот на јули ќе останат далеку над просекот. За Балканскиот Полуостров се предвидуваат рекордни вредности за оваа недела, пишува SWE. Температурите достигнаа над 30 степени во многу области, а во последните денови над 40 степени се регистрирани во Романија, Србија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Република Северна Македонија и Грција.
Јули е познат како најтопол месец на летото, но температурите деновиве и следните седум до 10 дена ќе бидат значително повисоки од просечните. Дневниот просек во многу региони ќе биде за околу 10 степени повисок од просечните, најавува СВЕ. Службата додава дека за ваквата состојба е одговорна топлинската купола.
Топлинска купола е метеоролошки феномен во кој голема маса топол воздух е заробена над одредена област, предизвикувајќи екстремни температури. Нормално, топлиот воздух, кој е поредок од студениот воздух, има тенденција да оди нагоре. Сепак, силен систем со висок притисок може да го спречи ова кревање и ширење и да го принуди топлиот воздух да остане заробен во близина на површината во одредена област. На овој начин, системите со висок притисок делуваат како капак или купола над одредена област.
Сончевата енергија ја загрева земјата, а таа загреана земја потоа го загрева воздухот над неа. Без можност за кревање и распрснување, загреаниот воздух останува блиску до земјата, каде што продолжува да се загрева. Се кондензира под куполата, и како што неговата вкупна топлина е заробена во помал волумен, неговата температура дополнително се зголемува.
Високиот притисок го спречува и формирањето на облаци и врнежи, што значи дека просторот под термалната купола останува сув и сончев, што пак дополнително ја зголемува температурата.
Еден од екстремните примери на топлинска купола се случи во 2021 година во Северна Америка, кога западните делови на САД и Канада доживеаја рекордни температури над 40 стерпени Целзиусови, предизвикувајќи бројни здравствени проблеми кај луѓето и шумски пожари.