Експерти на ОН: Земјите кои доставуваат оружје за Израел веројатно го прекршуваат меѓународното право

Експерти на Обединетите нации денеска предупредија дека секое пренесување оружје или муниција во Израел, што ќе се користи во Газа, најверојатно ќе го прекрши меѓународното хуманитарно право и мора веднаш да престане.

„Сите држави мора да обезбедат почитување на хуманитарното право, како што налагаат Женевските конвенции од 1949 година и обичајното меѓународно право“, оценуваат експертите.

„Државите мора соодветно да се воздржат од трансфер на какво било оружје и муниција или негови делови, доколку се очекува, имајќи ги предвид фактите или однесувањето во минатото, дека тие можат да бидат употребени во кршење на меѓународното право“, се додава во објавата на платформата Икс.

Исто така, се наведува дека таквите трансфери се забранети дури и ако земјата-извозник нема намера оружјето да се користи со кршење на правата или не знае со сигурност дека ќе се користи на таков начин, се додека постои јасен ризик.

Прочитајте и:  ОН: Израелските доселеници протерале над 1.720 Палестинци од Западниот брег

Експертите сметаат дека земјите потписнички на Договорот за трговија со оружје имаат дополнителна одговорност да се спротивстават на извозот на оружје доколку знаат дека ќе се користи за извршување меѓународни злосторства или ако постои ризик дека пренесеното оружје може да се користи за извршување сериозни прекршувања на меѓународното хуманитарно право.

„Потребата од ембарго за оружје против Израел е засилена со одлуката на Меѓународниот суд на правдата од 26 јануари дека постои веројатен ризик од геноцид во Газа и континуирана сериозна штета врз цивилите“, велат експертите на ОН.

Тие го пофалија прекинот на извозот на оружје за Израел од Белгија, Италија, Шпанија, Норвешка и една јапонска компанија.

- Реклама -