Економското училиште во Гостивар домаќин на полуматурантите-Презентирани можностите, бенефитите и условите

Средното економско училиште во Гостивар денес организираше Отворен ден наменет за учениците кои завршуваат основно и од септември треба да седнат во средношколските клупи.

Во школскиот двор беа поставени посебни штандови и катчиња кадешто на интересен и привлечен начин се презентираа смеровите, наставните предмети, условите и  бенефитите на ова училиште.

Целта е што поблиску и подиректно полуматурантите да може да се запознаат со сето она што го нуди економското училиште, како нивен вистински избор за средно образование, рече директорот Мирослав Ѓиноски.
„Ги претставуваме нашите профили, а исто така овде имаме претставници и од компаниите со кои имаме соработка во кои нашите ученици изведуваат пракса, тоа се таканаречените дуални паралелки. Се надеваме да привлечеме што поголем број на деветтоодделенци, затоа што имаме што да понудиме во однос на настава, квалитет, придобивки, стипендии итн. Учениците овде стекнуваат знаење и вештини кои им помагаат да си ги остварат понатаму зацртаните планови и соништа“, кажа Ѓиноски.

Отворениот ден го посетија полуматурантите од гостиварските училишта кои имаа прилика да разговараат со самите средношколци економисти, од „прва рака“ да ги слушнат нивните искуства и мислења околу школувањето во економско. Професорите пак, ги посочуваа можностите на училиштето и ги координираа активностите на промотивните штандови. Беа организирани и спортски активности. Учениците гости, исто така правеа и обиколка во училишниот објект и просториите каде се изведува наставата.

Средното економско училиште во Гостивар ги има профилите: економски техничар, правен техничар, дигитален маркетиг и е-трговија, а од минатата година воведен и е угостителски техничар. Сите функционираат како дуални паралелки во кои наученото теоретски учениците може практично да го применат во фирмите партнери.
Вреди да се спомене дека секој ученик што ќе се запише во училиштето ќе добива месечна стипендија од 3.500 денари.

Првото електронско пријавување за упис во средно ќе се врши од 20 јуни до 25 јуни 2024 година до 15 часот преку порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука.
Сподели ја веста:

Извор