Дали вредат „економичните“ пакети?

Вечните дилеми – дали треба да се купи автомобил со бензински или дизел мотор, колку поминувате годишно и дали се исплати да платите повисока цена за „нафташот“, Американците ја зачинија со нова дилема: дали вреди да се инвестира во „економичните“ пакети?

Вреди ли човек да дава пари за дополнителен пакет, кој е наменет да ги намали трошоците на гориво и ако одговорот е да, за колку време се исплаќа таквата инвестиција? Одговори на овие прашања се обидоа да најдат експертите од Consumer Reports, кои ги испробаа економичните верзии на три нови модели – Ford Focus, Chevrolet Cruze и Honda Civic.

Секој од нив троши помалку од основниот модел, но за нив се доплаќа дополнителна сума, која во САД е помеѓу 500 и 800 долари. Резултатите од студијата се врз база на поминати 19.300 километри годишно, колку што е вообичаено во САД и земена е предвид цена на горивото од еден долар за литар.

Кај Ford Focus, опремен со пакетот SFE (Super Fuel Economy), кој вклучува заден спојлер, гуми со низок отпор и други додатоци, резултатот е заштеда на годишно ниво од околу 145 долари. Пакетот чини 495 долари, што покажува дека ќе се исплати за околу три години.

Вториот автомобил, Chevrolet Cruze ECO, со дополнителна аеродинамична форма и гуми со низок отпор, чија вкупна вредност е 800 долари, покажува заштеда од само 20 долари годишно. Не е тешко да се пресмета дека овој пакет ќе се исплати за 40 години.

На крајот Honda Civic HF, со подобрени аеродинамични карактеристики, фелни од лесна легура и гуми со низок отпор (вкупна вредност од 800 долари), троши помалку само 135 долари годишно во однос на стандардниот Civic LX. Ова покажува дека „пакетот за штедење“ ќе се исплати за 6 години.

Објавено во соработка со Авто Плус.

- Реклама -