ЕК предлага рамка за воведување дигитално евро

Европската комисија денеска излезе со предлог за воспоставување рамка за можно воведување на дигиталното евро и предлог да се обезбеди задолжително прифаќање на готовинските плаќања со цел да се отфрли стравот на многумина дека дигиталната валута може целосно да ја замени готовината.

Комисијата, исто така, предложи дигиталното евро, нематеријална валута, да добие статус на законско средство за плаќање во еврозоната, а во моменов во ЕИУ само банкнотите и монетите на еврото го имаат тој статус.

„Денешните предлози, исто така, ќе гарантираат дека готовината ќе продолжи да биде целосно достапна, истовремено дозволувајќи и на Европската централна банка со текот на времето да ги развива практичните аспекти на дигиталното евро“, изјави потпретседателот на Комисијата, Валдис Домбровскис.

Тој додаде дека дигиталните плаќања во евра ќе бидат „безбедни и сигурни, инстант и практични – онлајн и офлајн“.

Дигиталното евро би понудило можности кои и денеска ги даваат картичките и апликациите, но и плаќање без пристап до интернет, што не е можно со картички или мобилни апликации. Таканареченото офлајн дигитално евро би овозможило трансакции дури и без интернет конекција доколку другата страна во трансакцијата е физички блиску, без разлика дали станува збор за лице или за продавница. Ова би овозможило плаќање во оддалечени области со несигурна интернетска врска и во случај на недостиг на комуникациски мрежи или прекини на струја.

Прочитајте и:  Француски медиуми: Трамп сака трошоците за обнова на Украина да ги сноси ЕУ

Законодавните тела во ЕУ, Советот и Парламентот се одговорни за донесување на правната рамка, но конечната одлука за воведување на дигиталното евро ја носи Европската централна банка. Комисијата наведува дека ќе бидат потребни неколку години за да се воведе дигитално, во секој случај тоа нема да биде пред 2028 година.

Дигиталното евро би било еквивалент на готовината. За разлика од крипто средствата, дигиталното евро би биле пари на централната банка. Европската централна банка би гарантирала дека е безбедно, дека има стабилна вредност и дека може да се замени по номинална вредност за евра во готовина. Спротивно на тоа, крипто-средствата може значително да флуктуираат во вредноста и нивната конверзија во готовина во евра не може да се гарантира.

Дигиталното евро ќе може да се користи насекаде во еврозоната, без разлика каде се наоѓаат плаќачите и која комерцијална банка или давател на платежни услуги ја користат. Плаќањето ќе биде можно во секое време, 24 часа на ден, 365 дена во годината.

МИА

- Реклама -