ЕК предлага отстапување од некои одредби од Заедничката земјоделска политика на ЕУ

Во пресрет на утрешните земјоделски протести во Брисел, кои во голема мерка се поттикнати од незадоволството од мерките предвидени со Заедничката земјоделска политика на ЕУ, Европската комисија денеска предложи да им се дозволи на земјоделците отстапување од некои од предвидените правила во текот на оваа година.

Како што соопшти Комисијата, ваквиот предлог веќе е испратен до земјите членки од кои се очекува да го потврдат, но независно од тоа кога ќе биде формално одобрен, тој ќе се применува ретроактивно од 1 јануари 2024 година.

Со Заедничката земјоделска политика е предвиден сет на стандарди наречен Добри земјоделски и еколошки услови (ГАЕК), чија цел е намалување на штетното влијание на земјоделството врз животната средина и климата, меѓу кои еден од нив предвидува дека на дел од обработливото земјиште на фармите поголеми од 10 хектари мора да бидат засадени трева, жива ограда или дрва.

Со денешната одлука на Комисијата, ќе се смета дека земјоделците ја исполнуваат оваа обврска, доколку наместо да садат непродуктивни култури, на четири отсто од нивното обработливо земјиште посадат леќа, грашок или грав или на седум проценти одгледуваат култури кои служат како сточна храна или природно ѓубриво.

– Предлогот на Комисијата е внимателно определен за да се обезбеди вистинската рамнотежа помеѓу нудењето соодветно олеснување за земјоделците кои се соочуваат со бројни кризи од една страна и заштита на биолошката разновидност и квалитетот на почвата од друга страна, соопшти ЕК.

Според Комисијата, земјоделството се соочува со исклучителен опсег на тешкотии и неизвесности, како последица на екстремните метеоролошки настани, како суши, шумски пожари и поплави, кои влијаат на земјоделското производство и приходи и на спроведувањето на стандардните агрономски практики, што создава зголемен притисок врз земјоделците.

Дополнителен проблем за земјоделците, како што посочува Комисијата, претставуваат и високите цени на енергијата и репроматеријалите како последица на руската агресија врз Украина, зголемените трошоците за живот, растот на инфлацијата, променетите меѓународни трговски текови и потребата за поддршка на Украина, кои создадоа дополнителна несигурност и притисок на пазарот.

ЕК нагласува и дека цените на житните култури лани нагло се намалија во споредба со претходната година, што доведе до намалување на вредноста на нивното производство во ЕУ од 80,6 милијарди евра во 2022-та на ланските 58,8 милијарди евра, што претставува пад за речиси 30 отсто.

Во такви услови, смета Комисијата, обврската за издвојување на дел од обработливите површини за непродуктивни насади, може да има значително краткорочно негативно влијание врз приходите на одредени земјоделци.

Според претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ваквата одлука нуди дополнителна флексибилност за земјоделците во време кога се соочуваат со поголем број предизвици.

Прочитајте и:  ФТ: Западот останува зависен од Кина поради ниските цени на литиумот и високите оперативни трошоци

– Ќе продолжиме да се ангажираме со нашите земјоделци за да обезбедиме Заедничката земјоделска политика да го постигне вистинскиот баланс помеѓу остварувањето на нивните потреби и истовремено обезбедување на јавното добро за нашите граѓани, изјави Фон дер Лајен.

Таа додаде и дека Еврокомисијата е подготвена да им излезе во пресрет на земјоделците, кои ги оквалификува како „столб на безбедноста на храната на ЕУ и срце на европските рурални области“.

– Постојаната посветеност на Комисијата се гледа преку нашиот буџет за Заедничката земјоделска политика во вредност од 386,7 милијарди евра, што помага да се стабилизира приходот на европските земјоделци, истовремено наградувајќи ги нивните напори за заштита на климата и обезбедување на одржливоста, додаде Фон дер Лајен.

Извршниот потпретседател на ЕК за Европскиот зелен договор и меѓуинституционални односи Марош Шефчович истакна дека целта на оваа „стабилизирачка мерка“ е да се намали притисокот со кој се соочуваат земјоделците.

– Можеме да помогнеме во ублажување на притисокот за кој знаеме дека го чувствуваат нашите земјоделци, а со цел да се осигураме дека тие можат да останат економски одржливи во овие времиња на голема неизвесност, додаде Шефчович.

Според еврокомесарот за земјоделство, Јануш Војчеховски, со предлагањето на оваа мерка за привремено отстапување од Заедничката земјоделска политика, Еврокомисијата демонстрира флексибилност и солидарност со земјоделците во услови на исклучителни тешкотии.

– Ова отстапување постигнува рамнотежа помеѓу краткорочната неопходност за поддршка на земјоделците и долгорочната потреба да се заштити нашата клима, здравјето на почвата и биолошката разновидност, додаде Војчеховски.

Во пресрет на утрешните протести во Брисел, белгиските земјоделци бараат намалување на административното оптоварување и олабавување на европските еколошки политики, со цел, како што тврдат, да му се овозможи на земјоделскиот сектор да биде „вистински економски, еколошки и социјално одржлив“.

Според земјоделските асоцијации, потребно е „итно вистинско поедноставување на административните процедури“, „длабинска“ ревизија на Заедничката земјоделска политика на ЕУ, како и спроведување на „економска, еколошка и социјална проценка од страна на Европската комисија за последиците од сите закони и ограничувања што таа ги воведе во земјоделството во последните години“.

Покрај ова, тие бараат и компензација за „сите ограничувања“, субвенции за покривање на зголемените трошоци како последица на инфлацијата, ограничување на слободниот увоз на земјоделски производи од трети земји што не ги исполнуваат стандардите што важат за продуктите од ЕУ, како и олеснет пристап до земјоделско земјиште.

МИА

- Реклама -