ЕК и ЕП со поддршка за европерспективата на Западен Балкан, бугарските европратеници со критики до македонските власти

Стразбур, 19 октомври 2022 (МИА) – Европската комисија и Европскиот парламент уште еднаш ја поддржаа европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Бугарските европратеници, пак, со остри критики кон властите во земјава.

Андреј Ковачев изрази разочарување по обединувањето на македонската власт и опозиција околу носењето на законот за здруженија на граѓани, а Ангел Џамбаски зборуваше за „омраза“ со палењето на бугарскиот клуб во Битола и протестите во Охрид, тврдејќи дека законот којшто се носи во македонскиот Парламент е за забрана на бугарски имиња.

Комесарот за европска соседска политика и проширување Оливер Вархеји рече дека нема да ги коментира овие настани бидејќи се води истрага за нив во земјата, а Комисијата следи што се случува.

Претходно, пратеничката од зелените Тинеке Стрик побара од Бугарија и од другите земји членки на ЕУ да ги почитуваат дадените ветувања и да внимаваат повторно да нема вето од Бугарија за Северна Македонија.

Комесарот Вархеји, кој пред неколку дена пред европратениците во Комисијата за надворешни работи ги презентираше анализите и прогнозите на Комисијата за европската политика за проширување во контекст на тешка геополитичка ситуација, во обраќањето на пленараната сесија инсистираше на влијанието на претпристапното финансирање, состојбата со владеењето на правото во земјите пристапнички и другите фундаментални реформски прашања.

Посочи дека ЕУ и Комисијата ќе се посветат на повеќе краткорочни и среднорочни проекти од енергетиката, како преносот на струјата, колективното греење и миграцискиот проблем кој претставува се поголем притисок за земјите од регионот. Вархеји потсети дека Северна Македонија и Србија веќе учествуваа на состанокот за заедничко купување на енергија за да се намали зависноста од руските извори на енергија.

Во однос на обврските на земјите од регионот, Верхаји инсистираше на обврските на земјите од регионот во исполнувањето на реформските обврски, поздравувајќи го одржувањето на првата Меѓувладина конференција на 19 јули годинава на Северна Македонија и Албанија, повикувајќи ги да го искористат процесот на скрининг за продолжување на ритамот на реформи.

Европратениците, со исклучок на неколку од нив, претежно од крајната десница, го поздравија официјалниот почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија минатиот јули и ја повикаа ЕУ да го либерализира визниот режим за Косово. Тие, исто така, побараа од Србија да се усогласи со рестриктивните мерки на ЕУ против Русија. Најголемиот број од нив се заложија ЕУ да ги исполни ветувањата за земјите од регионот.

МИА

- Реклама -