Ејуп Маќедонци именуван за нов министер за одбрана на Косово

Косовскиот премиер Албин Курти објави дека го именувал полковникот на Безбедносните сили на Косово (ФСК), Ејуп Маќедонци за нов министер за одбрана откако досегашниот министер Арменд Мехај денеска поднесе оставка, јави дописникот на МИА од Приштина.

Изразувајќи му благодарност и признание за придонесот на чело на косовската одбрана, Курти на неговата страница на Фејсбук напиша дека Мехај ја поднел оставката од семејни причини.

– Денеска, на барање на министрот за одбрана, Арменд Мехај, ја прифатив неговата оставка. Барањето за ослободување од должноста е поради семејни причини. На министерот Мехај му се заблагодарив за непрекинатата работа, импресивниот придонес, редованата соработка и примерното залагање од првиот ден на преземањето на должноста. За нов министер за одбрана го именував Ејуп Маќедонци, со кого сме соработувале и досега на други функции, напиша Курти.

Тој на Маќедонци му посака добра работа „во унапредувањето на одбраната и безбедноста, во развојот и надградбата“ на војската на Косово.

МИА

- Реклама -