Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси изјави дека идната палестинска држава може да биде демилитаризирана, со евентуално привремено меѓународно безбедносно присуство за да обезбеди гаранции и за неа и за Израел.
„Ние сме подготвени за формирање на палестинска држава во границите од 4 јуни 1967, со главен град источен Ерусалим, која ќе биде демилитаризирана“, изјави денеска Ал Сиси.
За време на заедничката прес-конференција со премиерите на Шпанија и Белгија, Педро Санчез и Александар Де Кро, Ал Сиси изрази надеж за формирање на демилитаризирана палестинска држава покрај Израел, и каде ќе има присуство на НАТО, ОН или арапските и американските сили за да се осигура безбедноста.
Тој посочи дека заживување на патот за решение со две држави можеби нема да биде потребен.
„Оживувањето на тој пат над 30 години не постигна многу. Сакаме да бидеме реални и објективни“, изјави египетскиот претседател, посочувајќи дека во циклусите насилство во изминатите 20 години главно гинеле цивили, пред сè жени и деца.
„Мора да тргнеме по друг пат, а тоа е признавање на палестинската држава од страна на меѓународната заедница и нејзин прием во Обединетите нации“, истакна Ал Сиси.
МИА