Египетскиот адвокат Махмуд ал Семари поднесе тужба против Нетфликс за кршење на законите за медиуми и обидите „да го избрише египетскиот идентитет“. Се работи за документарната серија „Клеопатра“, во која улогата на египетската кралица ја игра актерката Адел Џејмс, која е од делумно африканско црнечко потекло.
И еден од најпознатите археолози во Египет, Захи Хавас, стои на ставот дека Клеопатра имала „бела кожа, а не црна“.
Родена во Александрија во 69 година п.н.е., Клеопатра Седма била последната владетелка од династијата на Птоломеј Први, генералот на Александар Македонски. Таа на престолот го наследила нејзиниот татко Птоломеј Дванаесетти и владеела од 51. година п.н.е. и владееше до нејзината смрт во 30. година пр.н.е. После тоа, Египет потпаднал под римска доминација. Припадниците на Птоломејската династија, говореле најмалку девет јазици, меѓу коишто и древномакедонски, старогрчки, но и сириски, медски, етиопски јазик, според Плутарх, а самата таа била меѓу ретките владетели кои научиле и древноегипетски.
Етничкото потекло на мајката на Клеопатра е непознат, а некои историчари велат дека е можно таа да била домородна Египќанка, или од друг дел на Африка.
Според продуцентите на серијата, изборот Адел Џејмс да ја игра улогата и Клеопатра да биде прикажана со црно потекло е „одраз на вековната дебата за расата“ на египетската кралица.
„Не гледаме, ниту слушаме често приказни за црните кралици, и мене и на мојата ќерка, и на нашата заедница, ни е многу важно овие приказни да бидат познати“, изјави познатата американска актерка Џејда Пинкет-Смит (воедно и сопруга на актерот Вил Смит), која е наратор и продуцент на серијата.
Но, сите овие изјави наидоа на осуда во Египет. Споменатиот еминентен египтолог Хавас, кој воедно е и поранешен министер за антиквитети на Египет, вели дека сите овие аргументи се базирани на измислици.
„Нетфликс се обидува да предизвика конфузија со ширење лаги дека потеклото на египетската цивилизација е црнечко“, изјави тој.
Адвокатот Семари побара од државниот обвинител да преземе „неопходни правни мерки“ и да го блокира пристапот до услугите на „Нетфликс“ во Египет, при што платформата ја обвинува за промовирање афроцентризам и бришење на египетскиот идентитет.
Извор: МИА