Египет бара интервенција од Советот за безбедност на ОН поради израелските напади во Либан

Речиси во истовреме Ирак соопшти дека има намера да организира итен состанок на делегациите на арапските земји на маргините на годинешното Генерално собрание на ОН во Њујорк, на кој би се разговарало за последиците од нападот

Египетското Министерство за надворешни работи синоќа го повика Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), како и другите меѓународни фактори на итна интервенција за да се стави крај на, како што се вели, опасната израелска ескалација во Либан, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ). 

Граѓани на Либан кои побегнале од југот на земјата по израелските напади чекаат во своите автомобили на Плоштадот на мачениците во Бејрут / Фото: EPA-EFE/WAEL HAMZEH

Повикот доаѓа откако во вчерашните израелските напади во Либан, според локалните власти, се убиени речиси 500 луѓе, а над 1 600 се повредени.  

Станува збор за најсериозната ескалација на тензиите на Блискиот Исток откако Хезболах и израелската војска почнаа со секојдневна размена на оган преку границата со Либан по почетокот на војната во Газа пред речиси една година.   

Од египетското Министерство за надворешни работи предупредуваат дека актуелната ескалација на непријателствата може да доведе до општа регионална војна.  

Речиси во истовреме, Ирак соопшти дека има намера да организира итен состанок на делегациите на арапските земји на маргините на годинешното Генерално собрание на ОН во Њујорк, на кој би се разговарало за последиците од нападот на Израел врз Либан. 

„Ирак повикува и работи на одржување на итен состанок на шефовите на делегациите на арапските земји кои моментално се во Њујорк“,

се наведува во соопштението на премиерот на Ирак, Мохамед Шиа ал-Судани.  

Тој во Њујорк изјавил дека тема на разговорите би биле „последиците од ционистичката агресија врз Либан и заедничка работа за да се стави крај на ваквото криминално однесување“. 

Либанското Министерство за здравство синоќа соопшти дека во нападите на Израел во Либан се убиени најмалку 492 лица и дека меѓу нив 35 деца и 58 жени. Дополнително, според Министерството, во нападите се повредени најмалку 1 645 лица.  

Претходно Израел ги повика граѓаните на Либан да се евакуираат од јужните области на земјата, кои се примарна цел на нивните воздушни напади. Според израелската војска нејзините сили гаѓаат позиции на Хезболах на кои се наоѓаат ракетни лансери и складишта за оружје на шиитска милитантна група. 

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, вчера му порача на либанскиот народ сериозно да го сфати предупредувањето за евакуација и оти ќе може да се врати дома по завршување на борбите. 

Либанскиот министер за здравство, Фирас Абијад, изјави дека десетици илјади луѓе ги напуштаат своите домови на југот на земјата, додавајќи дека „главната цел на овие напади е да се поттикне егзодусот на цивилите од овие области“. 

Чад се издига во близина село во Либан по воздушен нашад на израелската војска / Фото: EPA-EFE/STRINGER

Американското Министерството за одбрана Држави (САД) вчера соопшти дека  САД имаат намера да испратат дополнителни трупи на Блискиот Исток поради ескалација на тензиите меѓу Израел и либанската милитантна група Хезболах во Либан. 

Портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пет Рајдер, не прецизира детали за тоа колку дополнителни сили ќе бидат испратени и која ќе биде нивната мисија. Во моментов, САД имаат околу 40 000 војници во регионот.

- Реклама -